ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
19.04.2025
(Аудио) Мојот став: Триесет зборови се полоши од триесет сребреници

Јас сум Даница Среткоска, а ова е мојот став:

Често знам да им кажувам на луѓето дека дедо ми раскажува многу убави приказни. Кога тој раскажува, и светот престанува да се врти.
Го слушаш и одеднаш не си веќе таму каде што си-туку таму каде што те води зборот.


Преслушај ја целата колумна и со заклучен телефон:


Стануваш дел од приказната. Ги живееш чувствата на јунаците, ги носиш нивните соништа, нивните стравови. И не ги забораваш. Со раскажана приказна расте човекот.
За децата тие се мал свет на чуда, а на возрасните училиште за вистинските вредности во животот.
Додека го слушав дедо ми, не бев ни свесна дека ме учи на нешто. Но, со текот на времето ги разбирав дедовите зборови.

Знаете, приказните не се само за да не забавуваат. Тие се огледало на вистината. Некои нè учат на добрина, а некои нè потсетуваат што се случува кога човек ќе се оддалечи од неа.
Една таква приказна дедо ми ми’ раскажа со особена тежина, бидејќи ја имаше доживеано на своја кожа.  Не беше бајка. Беше вистинска лекција за најтемната страна на човекот: лажењето, клеветењето и предавството.

“Лажното сведочење и клеветата не се само обични лаги. Тие се опасен вид на морална трулеж. Кога некој свесно и со намера ќе изговори лага против друг, кога ќе ја искриви вистината или ќе измисли нешто за да го оцрни некој човек, тој не го удира само тој човек, туку ја удира и правдата, и совеста, и човечноста”-велеше дедо ми.

И денес, кога гледам колку лесно луѓето посегнуваат по лаги, клевети и лажно сведочење, ми се враќаат неговите зборови. “Лажното сведочење не е само лага-тоа е предавство обвиено во зборови. А, клеветата пак е тивко убиство на нечиј углед, без жртви, ама со длабоки рани. А, најголемата цена ја плаќаат чесните.”

И, најдобар пример за тоа е Јуда. Симболот на предавство. Но, Јуда не го извршил своето дело само со бакнеж. Тој, исто така, сведочеше. Тој потврди, укажа, лажно обвини. И најмногу боли сознанието дека чинителот на делото не е некој однадвор, туку пријател. Некој што јадел на иста трпеза, што го познавал Исус одблиску. Затоа неговото предавство боли најмногу. Замислете колку болка има во моментот кога некој што те познава, што знае кој си и каков си и сепак кажува невистини за тебе.
Токму таквите луѓе се најопасни. Најопасни се оние што лажат, не затоа што не ја знаат вистината, туку затоа што ја знаат, па ја продаваат за интерес, за пари, за внимание или од чиста злоба. Таквите луѓе не само што ја губат совеста туку тие се одрекуваат од самиот свој човечки лик.

Во нашето време, тие „Јуди“ не носат сандали, ниту продаваат за триесет сребреници. Тие носат костими, или пак се обични познаници, колеги, некогаш и блиски. Ќе се насмевнат, ќе те поздрават, а потоа ќе кажат нешто што нема врска со вистината само за да те турнат, оцрнат или заменат. И сето тоа, без срам, без сожалење. И, не се обвинувајте себеси ако наидете на такви луѓе, бидејќи човекот не може да го препознае светот кој не го носи во себе.

Честа, вистината и искреноста се облека што не ја соблекуваш, без разлика на времето.
И кога ќе дојде моментот некој да те праша нешто за некого, а, ти ја знаеш вистината, ама ти е полесно да кажеш нешто друго, сети се на Јуда. Сети се на Велики Петок. Сети се дека од зборот почнува неправдата ама и со зборот може да се врати достоинството.
На крајот на краиштата, можеби луѓето нема да запомнат што си кажал. Но, совеста? Таа памети. Секогаш памети зошто си го кажал тоа.

И како што Исус му рече на Јуда: „Со бакнеж ли го предаваш Синот Човечки?“-така и ние би требало да си го поставиме прашањето секој пат кога сме на прагот да изговориме нешто што не е вистина:
Колку вреди вистината, ако ја сменам со лага? Кој сум кога зборувам спротивно од совеста?

(Аудио) Мојот став: Успеавме ли да ја затрупаме Стерната?
(Аудио) “Мамо…картата е купена”