ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
13.06.2025
(Аудио) Мојот Став: Учи дете, за да станеш келнер

Јас сум Даница, а ова е мојот став:

“Ќе завршам факултет за да си најдам работа… што ќе ме тера да се прашувам зошто сум го завршил факултетот”.

Во Македонија, тоа е класичен рецепт. Од мали нè учат: учи, учи, и уште малку учи, дипломирај, и работата ќе дојде.
Само што никој не кажува каква работа, каде, и за колку пари. Или поточно – за која навреда.


Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:


Почнуваш со полна енергија. Запишуваш факултет, влегуваш со некоја идеја дека ќе научиш нешто што ќе те направи „човек од струка“. Поминуваат години, минуваат професори што читаат слајдови од 2005-та, испити што се полагаат по муабет или по нервоза, и скрипти што се пренесуваат од генерација на генерација како семејно наследство.
И еве, доаѓа денот: диплома. Празник! Слики, капа, горди родители, фејсбук статус, тетка од Германија ти лајкнува со срце.
И после?

 

И после, работа има – ама за „со 5 години работно искуство“, со 18.000 денари плата и обврски поради кои си благодарен што не си дома. Или пак конкурсите се веќе избрани, ама мора да изгледа легално-па ги објавуваат. А, ако сакаш нешто повеќе, ќе ти кажат: „Оди надвор, тука нема ништо“.

Тие што остануваат, се мачат. Тие што заминуваат, се јадат од грижа дали продале премногу за малку. А сите, без исклучок, се прашуваат: зошто никој не ни рече дека оваа држава не знае што да прави со луѓе што завршиле нешто?

Тука, дипломата не е пасош за подобар живот. Таа е како ливче за ред во банка што одамна затворила. А системот – истиот тој што бара „високо образование и две години искуство за работа со документи“ – не знае ни сам што бара.

Па гледаш доктори како подработуваат како келнери, архитекти што се на шалтер, економисти што работат по маркет, и дипломирани правници што водат евиденција за термини во фризерски салон. И не е смешно. Тажно е.

Сите знаеме некој што завршил нешто, а сега прави сосема друго. Сите знаеме дека „пратив CV“ е нов начин да кажеш „се надевам на чудо“.

Сите знаеме дека во Македонија, образованието често завршува како сувенир.

И не, ова не е демотивација. Ова е реалноста. Да, заврши факултет ако тоа е твојот пат. Но, не очекувај државата да те пречека со отворени врати. Затоа што тие врати, ако не си „нивно дете“, најчесто се затворени од внатрешната страна.

Бори се, пробај, учи. Но знај – најтешкиот дел не е дипломирањето. Најтешкиот дел е да останеш овде и да не изгубиш надеж додека ја гледаш дипломата како собира прашина на полица, а ти прашуваш:

„Зарем за ова учев?“

(Аудио) Мојот Став: За луѓето кои мислат дека се некој и нешто
(Аудио) Кирил и Методиј се враќаат – со црвени пенкала