ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
12.12.2025
(Аудио) Мојот Став: 2:0 службено за Мозочниот Одлив: Македонија игра одбрана без играчи

Јас сум Даница, а ова е мојот став:

Понекогаш имам чувство како Македонија да игра фудбалски натпревар со самата себе, и пак да губи.
2:0-службено за Мозочниот Одлив.


Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:


Не е дека младите не ја сакаат земјата.
Напротив. Ја сакаат премногу за да останат во брак со систем што ги малтретира.
Па си заминуваат.

И секој што се качува на автобус за Германија ја има истата мисла:
„А бе, можеби оваа земја не е глупава… ама сигурно мисли дека ние сме глупави.“

 

Иронично е тоа што Македонија не е со ниско IQ, таа само така изгледа кога најпаметните бегаат.

Знаете што се случува со клас кога најдобрите ученици се префрлуваат во друго училиште?
Остануваат само тие кои се обидуваат да преживеат меѓу хаосот, и професорот што вели:
„А бе деца, учете, ќе ви треба во животот.“

Да, ќе ни треба, ама очигледно во друг живот, во друга земја.

Младите не бегаат затоа што им е тешко.
Бегаат затоа што сфатиле дека овде е нереално тешко без реална причина.
Систем што ја наградува послушноста, а го казнува талентот, е систем што буквално сам си го пакува IQ-то во куфер.

Иронија број 2 е, што, Македонија не прави ништо да ги задржи талентите, но, се шокира кога ќе си заминат.

Секој студент кој дипломира е потенцијален емигрант.
Секој млад доктор, ИТ-ец, инженер, дизајнер, е билет за извоз.

И додека државата стои со добро познатиот зачуден израз;
„Ама зошто заминуваат младите?“
Младите одговараат:
„Епа… затоа што не сакавме повеќе да не’ водат неспособните.“

Државата сака таленти?
Одлично.
Да почне со нешто едноставно, како на пример да почне да ги третира како таленти.

И на крај, никој не се ни враќа назад.

Ова е најстрашното.
Не е проблем што луѓето заминуваат, светот е отворен за сите.
Проблем е што не гледаат причина да се вратат.

Штом еднаш ќе ја почувствуваат разликата меѓу „работа со плата“ и „работа со плата + достоинство“, играта е готова.

И за жал, нам ни останува празна трибина.
Тим без одбрана.
Земја што си дозволува да биде шампион само во извоз на мозоци.

И еве ја најболна реченица:
Македонија не останува без интелигенција затоа што е глупава земја.
Останува без интелигенција затоа што ја пропушта онаа што ја има.

И затоа е 2:0 службено за одливот на мозоци. А, ако продолжиме со ова темпо, ќе биде и 3:0, 4:0, се додека не се угасне светлото…

Младите не бараат чудо.
Бараат нормалност.
Плата што не испарува.
Систем што функционира.
Шанса да успеат без партиска книшка.

А додека тоа го нема, мозочниот одлив ќе ја игра најдобрата игра во историјата.

 

(Аудио) Мојот Став: Колку чини еден редок живот?
(Аудио) Мојот Став: Митот наречен социјална правда