ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
30.01.2026
(Аудио) Мојот Став: Чекајќи поголема плата

Јас сум Даница, а ова е мојот став: 

Во средата поминував низ центарот на Скопје и налетав на протест.
Свирчиња, транспаренти и луѓе што бараат повисоки плати. Застанав неколку минути ама повеќе од љубопитност отколку од намера да се приклучам.
Гледајќи наоколу, во еден момент си помислив: каде се младите?


Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:


Не дека ги немаше воопшто, само ги немаше доволно. А баш ние треба најмногу да се нервираме околу платите.
После тоа им пишав на неколку другари.
Еден работи по осум часа за плата која што исчезнува некаде на средина од месецот. Кога го прашав дали би останал тука долгорочно, ми врати кратко: „За оваа плата секако дека не.“

Друга другарка ми рече нешто што ми остана во глава:
„Не очекувам да се збогатам, само сакам да можам да си ја платам киријата на време, без страв.“

Имам и пријател што заработува сосема пристојно за наши услови, а пак учи германски. Не брза да си оди, ама сака да има избор.„Полесно се дише кога знаеш дека не си заглавен.“-ми рече.

И тука некаде сфатив дека можеби младите не протестираат затоа што не веруваат дека нешто ќе се смени доволно брзо.
Постарите се борат за повисоки плати, младите се борат за можност да заминат. И тоа не е иста борба.

Нашите родители бараа сигурна работа. Ние бараме сигурен живот. А разликата меѓу тие две работи е поголема отколку што сакаме да си признаеме.

Често слушаме дека младите се пасивни, дека не ги интересира што се случува околу нив. Искрено, не мислам дека станува збор за апатија, туку повеќе е до “математиката”.
Кога ќе ги собереш киријата, сметките, храната и превозот, математиката станува брутално јасна.
И тогаш протестот почнува да изгледа како долга и неизвесна битка, а авионскиот билет како пократок пат до нормален живот.

Најтажното е што многумина не сакаат да си одат, само не сакаат постојано да се откажуваат од патувања, од самостојност, од планови, од иднината што ја замислувале.

Колку треба да изнесува платата за еден млад човек да престане да размислува за заминување? Не знам точна бројка. Но знам дека не е доволна плата од која мораш да го „крпиш“ животот наместо да го живееш.

Затоа прашањето одамна не е само економско. Станува лично.
Што вреди ако платите пораснат за неколку години ако дотогаш половина генерација веќе ја нема?

Можеби најгласниот аларм не се свирчињата на протестите, туку тишината на автобусите и авионите што заминуваат во еден правец.
И можеби е време да престанеме да се прашуваме зошто младите си одат, и конечно да почнеме да се прашуваме што би ги натерало да останат.

(Аудио) Мојот Став: Колку чини еден редок живот?
(Аудио) Мојот Став: Митот наречен социјална правда