Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Постојат болести што медицината ги нарекува „ретки“. Зборот звучи речиси невино, како нешто што се случува далеку, на маргините на статистиката. Но реткоста е само медицински термин, а човечкото чекање никогаш не е ретко. Да чекаш терапија, да броиш денови наместо иднини, да живееш меѓу надежта и тишината на институциите, тоа е искуство што премногу семејства го познаваат.
Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:
Ретката болест, на хартија, значи мал број пациенти. Во реалноста, таа значи долга потрага по име за сопствената болка, врати што се отвораат бавно и живот што неочекувано станува зависен од табели, процедури и потписи. Така медицината, која треба да биде наука за спасување, понекогаш се претвора во дом на чекањето.
Постоиме во време на чуда што науката ги создава речиси секојдневно. Она што вчера било пресуда, денес е дијагноза со надеж. Болести што некогаш значеле неизбежен крај денес имаат терапија. Но напредокот е чудна работа: тој постои само таму каде што навреме пристигнува. Кога доцни, и чудото ја губи својата смисла.

Колку чини еден редок живот?
Во Македонија, ретката дијагноза често го менува идентитетот на целото семејство. Родителот станува лекар без диплома, правник без канцеларија, активист без одмор. Ноќите се претвораат во часови на учење непознати зборови, а надежта во јавен апел. Зашто сите ја знаат тивката вистина: системот најбрзо слуша кога болката ќе стане гласна.
И тогаш се појавува прашањето што сите го мислат, а малкумина го изговараат: колку чини еден редок живот?
Одговорот може да се најде во буџетски редови и проценти, но тие бројки не ја мерат вистинската цена. Таа се крие во времето што исчезнува додека документите патуваат од една канцеларија во друга. Во стравот на родителот што знае дека лекот постои, но не знае дали времето ќе биде милостиво. Во понижувачкото чувство дека животот мора повторно и повторно да ја докажува сопствената вредност.
Парадоксот е едноставен и суров: луѓето со ретки болести не бараат чудо. Чудото веќе се случило некаде на друго место, науката го создала. Тие бараат нешто многу пообично и, очигледно, потешко: систем што функционира.
Општествата сакаат да се мерат според грижата за мнозинството. Но вистинската зрелост се открива во односот кон оние што се малкумина, кон оние чиј глас не треба да стане статистика. Таму, во тишината на малите бројки, се гледа вистинската етика на една заедница.
Можеби прашањето „колку чини еден редок живот?“ е погрешно поставено. Зашто таквото прашање веќе претпоставува дека животот може да се пресмета. А кога животот станува трошок, моралот веќе направил чекор назад.
Подобро е да се запрашаме нешто друго: колку нè чини кога дозволуваме некој да чека предолго за шанса да живее?
Одговорот не е пријатен. Затоа што тогаш цената не ја плаќа само едно семејство. Ја плаќаме сите, дури и оние што веруваат дека реткоста секогаш им се случува на другите.
Можеби ќе ве интересира