ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
28.11.2025
(Аудио) Мојот Став: Кој и како ќе ја изведе гимназиската реформа?

Јас сум Даница, а ова е мојот став:

Најавената гимназиска реформа со две заеднички години и потоа префрлање во математичка или општествена насока, звучи како чекор напред, барем на хартија.
МОН ја промовира како свеж концепт, но вистинското прашање е: дали конечно ќе се направи реформа што функционира, или повторно ќе добиеме уште една добро спакувана празна кутија?


Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:


Две заеднички години имаат смисла. На 14 години ретко кој знае што сака да прави во животот, а различните основни училишта произведуваат различни нивоа на знаење. Подоцнежното префрлање може да израмни дел од тие разлики и да спречи насочување на учениците во погрешна насока.
Многу европски држави одамна го применуваат овој систем. Не дека ова е македонска иновација, напротив.

 

Но, да не се лажеме: реформата пропаѓа или успева не поради структурата, туку поради тоа што стои зад неа.

Првиот проблем е загрижувачки: недостиг од наставници по природните науки и дел од јазиците. Ако нема кадар, профилирањето ќе биде карикатура, затоа што некои гимназии ќе нудат реални програми, други ќе глумат дека ги имаат.

Вториот проблем е уште постар: програми и учебници што заостануваат зад времето. Организацијата за економска соработка и развој, одамна ни кажува дека учениците завршуваат средно без функционална писменост. Не поради децата, туку поради систем кој не се обновува. Без современи наставни материјали, новиот концепт е само нов распоред на стариот хаос.

Третиот проблем е најнепријатен: огромниот јаз меѓу урбаните и не толку развиени средини. Додека дел од гимназиите имаат лаборатории и дигитална опрема, други работат во услови што би биле срам и за деведесеттите.
Ако реформата не биде проследена со финансиски инвестиции, таа ќе произведе подлабоки нееднаквости отколку што постојат денес.

Сериозна реформа мора да има мерливи цели: резултати на матура, успешна транзиција кон факултет, развиени компетенции, критичко размислување.
Ако државата не мери ништо, тогаш и не знае ништо. И за жал, така реформите остануваат само експеримент врз цели генерации.

Нацрт-концепцијата може да биде вистински напредок. Но, само ако носи со себе три нешта: квалитетен кадар, модерна содржина и еднакви услови во сите региони. Без тоа, ќе добиеме уште едно убаво напишано решение кое ќе го читаат само реформските комисии.

Ако, пак, реформата конечно се направи паметно и доследно, Македонија може да го направи најголемиот чекор во средното образование по три децении тапкање во место. Време е системот да покаже дека може да се движи напред, а не само да расправа дека „сака“ да се движи.

(Аудио) Мојот Став: Колку чини еден редок живот?
(Аудио) Мојот Став: Митот наречен социјална правда