ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.11.2025
(Аудио) Мојот став: Култура на неказнивост – коренот кој никој не го копа

Во Македонија секоја поголема трагедија ја шокира јавноста точно три дена. Четвртиот ден веќе почнуваме да се навикнуваме, петтиот ден си се враќаме во истите рутини, а по една недела веќе произведуваме нов скандал.

Јас сум Даница, а ова е мојот став:


Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:


Тоа не е слабост на колективната меморија, туку навика која создава далеку поголем проблем од кој било индивидуален пропуст. А тоа е култура на неказнивост.

Таа култура има еден многу тврд, стар и постојано игнориран корен. Корен кој никој не го копа. Ниту институциите, ниту политичарите, ниту јавноста, а, понекогаш ниту медиумите.

Трагедијата во Кочани е најновото потсетување колку длабоко е всаден тој корен. Ако го гледаме судењето како изолиран случај, ќе го промашиме најкритичниот дел: овој процес постои не затоа што системот реагирал, туку затоа што системот претходно откажал.

И што правиме кога системот ќе откаже? Кај нас ништо особено. Се бара виновник, се даваат остри изјави, се најавуваат „строги казни“, и сите задоволно се враќаме дома уверени дека сме „реагирале“. Само што реакцијата не е одговорност.

Одговорност значи да се оди до коренот.
Да се праша: кој дозволил? Кој не проверил? Кој заспал на работа? Кој слушнал, а решил да премолчи?
Да се копа сѐ додека не стигнеме до точката каде што пропустот ќе престане да биде случаен и станува културен модел.

Трагедијата во Кочани настана токму поради тој модел. Комбинацијата е проста и смртоносна:
немарност + тишина + „ќе средиме“ = опасност што сите ја гледаат, ама никој не ја именува.
Сѐ додека не биде предоцна.

Сега, кога сме конечно во судница, повторно се обидуваме да го решиме само врвот на проблемот. Да ја исечеме гранката, без да го допреме коренот. А токму таму се крие непријатната вистина: во оваа држава е многу попогодно проблемот да се открие предоцна, отколку на време.

Затоа многу процеси завршуваат како украс: симболична казна, жртвување на најслабите, и системот мирно продолжува по старо. Но, ако овојпат навистина сакаме промена, мора да престанеме да ја третираме трагедијата како аномалија. Зашто не е. Таа е продукт на менталитет што го наградува молкот и ги казнува тие што инсистираат на транспарентност.

Судењето во Кочани не е тест само за правосудството, туку и, за нашата волја да го искорнеме овој корен.
Да признаеме дека пропустите не се „нормални“, и дека кога ќе им дозволиме да бидат нормални, тие секогаш еден ден стануваат фатални.

Правдата не расте сама.
Треба да се ископа земјата.
Да се отстранат старите, болни корени.
Да се посадат нови правила.

Во спротивно, секое судење ќе биде ритуал.
А секоја трагедија, повторување на истата приказна.

(Аудио) Мојот Став: Колку чини еден редок живот?
(Аудио) Мојот Став: Митот наречен социјална правда