ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
05.12.2025
(Аудио) Мојот Став: Што ни вреди град под надзор, ако државата останува надвор од контрола?

Јас сум Даница, а ова е мојот став:

Кога државата се пофали со проектот „Безбеден град“, многумина реагираа како да сме направиле цивилизациски скок.
Камерите, велат, ќе нè научеле дека црвеното светло не е украс, дека тротоарот не е паркинг, и дека улицата не е Монца во квалификации.
Добро е тоа. Конечно нешто што ветува ред на терен.


Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:


Но веднаш се појави прашањето што никоја камера не го снима: што правиме со остатокот од државата, онаа без објектив, каде што вистинските опасности се одвиваат секој ден, без да одминеш семафор?
Да почнеме од институциите.
Влегуваш внатре и те пречекува хаос што кажува сè: овде времето тече по друг календар. Не функционален систем, туку лавиринт со приемно одделение. И што е најстрашно, сите се навикнати. Тоа е најопасната небезбедност: кога распадот станува навика, а навиката-систем.
Тендерите се посебна дисциплина. Нема камера што може да сними како милионски проекти завршуваат кај фирми што имаат повеќе лозинки отколку реализирани проекти.
Тоа е таа интелектуална навреда. Камерата ќе ти пише казна за 60 километри на час, ама за тендер кој е јавна финансиска акробатика, никој не пушта снимка.
А правдата? Таа тече поспоро од секој административен процес што го исмејуваме. Случаи исчезнуваат во судски фиоки како детски бајки, само што последиците се реални трагедии. Жртвите чекаат. Виновниците учат важна лекција: во оваа држава, времето е најплатениот адвокат.
Урбанизмот е хаос на отворено. Градови што изгледаат како да ги планирал некој со затворени очи и коцка во рака, каде ќе падне коцката-ќе изградиме зграда.
Пешаците не веруваат дека имаат предност. Велосипедистите влегуваат во секојдневна мисија за преживување. Возачите се снаоѓаат според лична философија. Камерата може да санкционира возач, ама не и децении градска неукост.
Политиката само го цементира впечатокот дека државата е небезбедна.
Ветувања што траат пократко од прес-конференција. Реформи што се јавуваат секои избори и исчезнуваат веднаш по нив. Институции што се менуваат со секој ветер, не градат доверба туку политички сезонски работници од кои никој ништо не очекува.
И тука е суштината: „Безбеден град“ можеби ќе го среди сообраќајот.
Но безбедна држава не се гради со камери. Не е проект, не е софтвер и не е надзор. Тоа е систем во кој институциите работат, правдата функционира, јавниот простор има логика, а политиката има последици. Тоа е држава во која безбедноста не доаѓа од страв од казна, туку од доверба дека некој навистина си ја работи работата.
Дотогаш, камерите ќе ни покажуваат дека возиме пребрзо.
Но нема камера што ќе сними држава што тапка во место, додека ние гледаме напред, а системот се движи наназад.
(Аудио) Мојот Став: Колку чини еден редок живот?
(Аудио) Мојот Став: Митот наречен социјална правда