
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Со години зборуваме за „одлив на мозоци“ и веќе ни стана излитена фраза.
Ја користиме механички, како временска прогноза: младите си одат, државата старее, сите ги свиваме рамениците и продолжуваме понатаму. Како да е природна појава, а не политички и институционален пораз.
А потоа, одеднаш, во вести читаме дека “од Северна Македонија со години биле испраќани вистински човечки мозоци во странство, за научни истражувања”. Буквално. И тука, за првпат, метафората престанува да биде метафора.
Оваа приказна сама по себе не мора да биде скандал. Научната соработка, донацијата на биолошки материјал, истражувањето на тешки психијатриски и невролошки состојби-сето тоа постои насекаде во светот. Проблемот не е во науката. Проблемот е во контекстот и во државата што не умеe да објасни ништо без прво да биде притисната од медиуми, јавност или случајност.

Затоа и реакцијата беше толку бурна. Не затоа што некој открил дека постои наука, туку затоа што луѓето сфатија дека нешто суштинско се случувало, а тие немале поим. Истата таа држава што не може да задржи млад лекар, инженер или научник, испраќала мозоци на починати лица во странски лаборатории, без притоа да развие сопствен капацитет, институционална меморија или јавна дебата за тоа.
Во таа смисла, врската со аферата околу Jeffrey Epstein не е толку во самиот човек, колку во системот што го олицетворува. Мрежи на моќ, пари и елитна наука што функционираат далеку од очите на јавноста, со минимална одговорност кон „малите“ држави што учествуваат во нив.
Кога едно такво име ќе се појави во документи, нормално е луѓето да се запрашаат: “дали ние навистина знаевме во што сме вклучени или само сме биле тивок добавувач?”
И тука двете приказни, одливот на млади луѓе и испраќањето човечки мозоци, се спојуваат во една непријатна вистина.
Македонија премногу често е извор, а премалку субјект.
Даваме луѓе, даваме материјал, даваме потенцијал, а за возврат добиваме празни болници, факултети без кадар и чувство дека сè важно се случува некаде на друго место.
Младиот човек што заминува во странство не го прави тоа од омраза кон државата, туку од замор. Од истото чувство од кое заморени институции прифаќаат улога на нем набљудувач, наместо активен партнер. Во двата случаи, резултатот е ист: празнина.
Највознемирувачко во целата приказна не е дали нешто било легално или не. Тоа ќе го утврдат институциите, ако навистина си ја завршат работата. Вознемирувачко е што никој не чувствувал потреба да ѝ објасни на јавноста што точно се прави, зошто се прави и што добива државата од тоа. Како да се подразбира дека не треба да прашуваме.
А можеби токму тука е суштината на проблемот. Од Македонија заминуваат младите со надеж дека некаде ќе бидат ценети. А заминуваат и мозоците на починатите, тивко и административно, како уште една пратка. Заедничкo е што во двата случаи државата не покажува дека знае што губи или дека ја интересира.
И додека не почнеме да си ги поставуваме тие прашања гласно, ќе продолжиме да извезуваме сè што вреди, а да се чудиме зошто дома останува празно.