
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Во секое друштво, на секој агол, се појавува по некој — самопрогласен цар, кралица без круна, или гласен филозоф што чита само насловни страници.
Тие што мислат дека се некој и нешто, се движат низ светот како да им должи нешто. А светот? Светот само се врти. Ниту го забележува нивниот поглед полн со самобендисаност, ниту им прави простор за црвениот тепих што го замислиле.
Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:
Тешко е да им објасниш на тие што се полни со себе дека празнината во нив одѕвонува погласно од нивните зборови. Не разбираат дека вистинската вредност не бара публика. Вистинскиот човек не мисли дека е нешто — тој е. Нема потреба да се истакнува, затоа што неговото дело зборува пред него.
На светот не му е гајле кои се нивни родители, дали по дифолт им следува “почит” поради нивното презиме, или пак кој ги научил така да се однесуваат.
А потоа се појавуваат и оние со титули – доктори на науки, професори на хартија, угледници по автоматизам. Сјаат на сцена што не ја изградиле, но, си веруваат дека блескаат однатре. Мислат дека една диплома е доволна да ги стави над сечие достоинство.
Дека угледот што им го лепи општеството е имунитет од понизност. Гледаат одозгора, зборуваат како да секој им е потчинет, со доза на цинизам, надменост, а себеси се мерат со Бога.
Ама има нешто што ниедна титула не го покрива: егоцентричноста, незадоволството сами со себе, несигурноста, и бесчуствителната душа. Да бидеш „неприкосновен“ на хартија, а невидлив како човек – тоа е трагедија само по себе. Затоа што на крајот, никој нема да те памети по титулата, туку по начинот на кој ги третираше тие што не беа „нешто“.
Тие што мислат дека се некој, често се заглавени во сопственото мислење. Не се прашуваат што другите гледаат, не прифаќаат критика, не признаваат грешка. А токму во тоа — во способноста да се спуштиш на земја, да бидеш реален, да слушаш — таму живее вистинската големина.
Затоа, кога ќе сретнеш некој таков — насмевни се. Нема потреба од расправија. Луѓето што навистина се некој и нешто, немаат време да се докажуваат пред тие што само се прават. Оти кога си некој — не мораш да се правиш.