
Јас сум Даница, а ова е мојот став за 14-ти февруари:
Секој 14-ти февруари во Македонија се повторува истата дилема – дали да се слави љубовта со Денот на вљубените или традицијата со Свети Трифун? Едните купуваат рози и пишуваат љубовни пораки, другите отвораат шише вино и се шегуваат дека „љубовта минува, ама доброто вино останува“.
Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:
Ако подобро размислиме, љубовта и виното не се спротивставени – тие се неразделни. Љубовта, исто како и доброто вино, бара трпение, посветеност и вистинска грижа. Ако ја занемариш, како и лозјето, ќе се исуши. Ако ја форсираш, ќе ја изгуби својата природност. Но, ако ја негуваш со љубов, ќе ти донесе радост, топлина и ќе ти го исполни животот.
Свети Трифун го слави плодот на трудот, а што е љубовта ако не најголемиот плод што човек може да го создаде? Денот на вљубените е потсетник дека љубовта, без разлика дали е кон партнерот, семејството или пријателите, заслужува внимание.
Затоа, нека биде и љубов, и вино. Бидејќи животот е прекраток и за лоши вина, и за љубов што не се слави.