Здраво, јас сум Даница, ова е мојот став:
Никогаш немаше да ми текне дека ќе ја цитирам мојата наставничка по математика од основно, која постојано ни велеше “подобро заслужена тројка отколку надуена петка”, арно ама јас денес малку ќе си поиграм со тие бројки.
Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:
Изминатава недела по социјалните мрежи кружеше изјавата на актуелната министерка за образование: “За жал, имаме студенти кои дипломираат со висок просек, а немаат познавања ниту за шестка. Поради нив студентите кои ги стекнале дипломите со труд и имаат знаења одлучуваат да си заминат и да работат во сериозни компании во странство”. Епа другари, ајде да нурнеме во реалната перспектива.
Кога некој ќе каже дека денес студентите се одлични, многумина ќе одмавнат со глава и ќе се насмеат иронично. Зошто? Затоа што сите знаеме дека десетките се доделуваат од ракав. Од една страна, оваа „добрина“ изгледа како олеснување за студентите, но вистината е дека носи штета – и за нив, и за образованието, и за општеството во целина.
Десетката отсекогаш значела дека студентот е врвен – учел, се мачел и го совладал материјалот како што треба. Ама денес? Доста често десетката се дава „по пријателска линија“ или за да се избегнат караници. Така, наместо симбол за успех, десетката стана знак за тоа колку добро знаеш да се провлечеш низ системот.
Ова не е само вина на студентите. Образовниот систем, притиснат од различни очекувања, се сведе на “дај што ќе дадеш”, “кој е тој на моето дете да стави ниска оцена”, “моето дете се’ знае и мора да биде по негово”…
Некои професори не сакаат да се расправаат со студенти или нивните родители, па им даваат оценки што не ги заслужуваат. Други пак ти велат дека не си го положил испитот бидејќи немале доволно притисок да те положат, бидејќи нели некој треба да полага и во следната сесија покрај тоа што се’ на тестот ти е точно одговорено. Трети пак, се опуштиле и не го земаат сериозно своето влијание врз квалитетот на образованието. А оние последните, за жал, го прават тоа од коруптивни побуди.
Прво, овие „надуени десетки“ прават штета на студентите кои вистински се мачат и учат. Тие се чувствуваат предадено, затоа што нивниот труд не се вреднува на истиот начин како лесно добиените десетки, и гледаат да одат таму каде што нивниот труд ќе биде вреднуван. Второ, кога такви студенти излегуваат на пазарот на трудот, работодавачите брзо ја откриваат вистината. Така, дипломата станува само парче хартија без тежина, а тоа ни прави проблем на сите нас, бидејќи добиваме професионалци без професионалност.
Оваа ситуација не е само проблем на образованието. Таа е преслика на општеството во кое живееме – општество каде што формата е поважна од суштината, каде што се цени изгледот на успех, а не вистинскиот квалитет. Десетките што немаат тежина се симбол на културата на „ќе помине“, културата на прилагодување и избегнување одговорност.
На крајот, прашањето не е само дали студентите заслужуваат десетка, туку каква порака испраќаме кога неа ја добиваат толку лесно. А пораката е јасна: не е важно што знаеш, важно е како изгледа. И тоа е причината зошто, колку и да се трудиме да го маскираме проблемот, последиците секогаш ќе не’ стигнат.