Студентите денес одлучија да излезат на протест и да постават повеќе барања пред Министерството за образование и наука. Исплатите на стипендиите беа иницијален момент за почеток на протестите, меѓутоа тие денес беа исплатени. И покрај ова студентите одлучија да излезат на протест. Дали ќе продолжат со протестите и кои се сега нивните барања разговаравме со Савче Ѓошева, студентска правобранителка.
Целосното интервју слушајте го во продолжение:
Денес студентите за прв пат излегоа на протест да ги побараат своите права. Кои се барања ги имаат студентите ?
Барањата ги посочивме и во дописот, но претежно се фокусираа на неисплатените стипендии, односно стипендиите кои што доцнеа веќе четири месеци. Имавме проблеми и со субвенционираниот студентски оброк и исплатата на ваучери за превоз. Буквално сите оние мерки кои што Министерството за образование ги има а не засегаат токму нас. Целата таа системска не ефикасност на министерството и не координираност доведе до тоа да нема навремени исплати на овие мерки и да го поттикне револтот кај студентите.
Што планираат сега студентите, кои се наредните чекори ?
Наредните чекори се да има исплати, така што веќе имаме сознанија дека исплатата е почната, но тоа не значи дека ќе престанеме да бараме. Имаме и други барања, тоа е да најдеме едно системско решение и да направиме еден дијалог и разговор со МОН како што доликува на академски граѓани и во иднина да не се случува ова.
Веќе споменавме дека ова е прв протест од ваков тип, дали ќе продолжат протестите, може ли да се очекуваат нови протести ?
Засега не сме разговарале како универзитетско студентско собрание, но секако таа можност постои и е секогаш отворена. Доколку нема системско решение , нема исплата на стиупендиите и не ни се исполнат барањата може да се очекува нов протест.
Дали сте задоволни од одзивот на студентите на денешниот протест ?
Како за прв протест одлично сме задоволни. Студентите се покажаа на дело и беа заерднички сплотени и излегоа во солидна бројка, така што очекуваме дека и понатаму доколку има протести би продолжиле да излегуваат во многу поголема бројка.