ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
15.04.2026
Бесплатна правна помош – механизам за заштита од семејно насилство

Семејното насилство како сериозен проблем во денешното општество ги засега човековите права и достоинството на поединецот. Многупати жртвите на семејно насилство не го пријавуваат истото, поради економска зависност и немање на доволни информации за постоење на бесплатна правна помош.  Во рамките на Правниот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, постои Правна клиника која нуди бесплатна правна помош и помага во остварување на правата на жртвите и  дава совети за понатамошна правна постапка.

Проф.д-р Милица Шутова

„Правната клиника е давател на примарна правна помош. Примарната правна помош е вид на бесплатна правна помош, која што опфаќа правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош, општа правна информација, општ правен совет, помош при комплетирање на барањето за секундарна правна помош, помош при пополнување на формулари, обрасци, составување на претставки. Примарна правна помош се дава на сите заинтересирани физички лица кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија.“, вели проф. д-р Милица Шутова, раководител на Правната клиника при УГД.

Како до поефикасни Центри за жртви на насилство

Иако постои Закон за бесплатна правна помош од 2019 година кој го унапредува системот на бесплатна правна помош, сепак жртвите на семејно насилство не се доволно запознати со своите права и нивната можност за добивање на беспатна правна помош. Дефицитот на информации негативно влијае кон оставување на нивните права.

Жртвите на семејно насилство неинформирани за бесплатна правна помош

„Праксата покажува дека не е голем процентот на жртвите што се информирани за своите права и правна заштита, поточно можноста што им се нуди од институциите, здруженијата на граѓани и правните клиники.“, вели Шутова.

Професорите при Правниот факултет активно ги вклучуваат и студентите во обработувањето на предметите и стекнување на практично знаење. Студентите имаат можност навремено да се запознаат со постоењето на партнерско, односно семејно насилство и навремено да го препознаат со што придонесуваат за спречување од настапување на последиците.

Со обработката на предметите се стекнуваат со практично знаење кое подоцна може да го применат како на професионално, така и на приватно ниво со што помагаат на лицата кои не студираат правни студии.

„Правната клиника до сега нема држано едукации  кои се однесуваат на лица кои не се студенти на Правен факултет. Преку правната клиника студентите имаат можност да следат клиничка настава и да бидат вклучени во системот за бесплатна правна помош, да земат учество во давање на бесплатна правна помош и обезбедување на еднаков пристап до правда за сите.“, вели Шутова.

Младите сè повеќе се соочуваат со анксиозност и несигурна иднина
Кариерен ден на УГД во Штип