

Бесплатни курсеви по француски јазик, интерактивни предавања и креативни работилници – ова се само дел од активностите на проектот „Француски учиме – македонски читаме, култура спојуваме и развиваме“.
Курсистите задоволни што неколку години по ред имаат можност да ги посетуваат курсевите во организација на Библиотеката во Штип. „Онлајн-наставата“ се покажала како предност, а не како „хендикеп“.
„Веќе неколку години по ред успешно ја реализираме наставата. Курсисти од сите возрасти го изучуваат францускиот јазик на различни нивоа. Сè беше поинаку пред пандемијата. Сите едукативни средби тогаш беа со физичко присуство во просториите на Библиотеката, но последниве две години наставата се изведува ,онлајн’. Лани мислевме дека ќе ни биде слабост ваквата ,онлајн-настава‘, но се убедивме во спротивното. Се покажа како можност во курсот да се вклучат курсисти од сите градови од земјава, но и од Швајцарија, Малта, Франција…“, истакнува Марина Рамабова, професор по француски јазик.

Проектот опфати и низа онлајн-предавања за македонската и француската литература, уметност и култура, надополнети со креативни работилници.
„Со штипските средношколци од СОУ Гимназија , Славчо Стојменски‘-Штип разговаравме на тема ,Француските и македонските автори – континуирана инспирација за младите творци низ книжевните патувања во средното образование‘. Преку претставување на преводи и препеви од француски и македонски публикации, успеав да ги поттикнам младите кон компаративно размислување и креативно творење“, вели проф. д-р Наташа Лазарева.
Основци од ООУ „Тошо Арсов“-Штип ракотвореа под менторство на проф. Ванѓе Манева.
„Учениците направија изработки од повеќемесечниот предизвик на тема ,Македонската традиција преку детската вешторачност‘. Од сето ова произлезе и своевидна мултимедијална изложба што беше претставувана за време на предавањата“, потенцира проф. Манева.
Во дијалектот – дијалект, таен фурнички говор од село Шлегово
И студентите од Катедрата за македонски јазик и книжевност од Филолошкиот факултет при УГД-Штип беа вклучени во проектот под менторство на доц. д-р Милена Ристова – Михајловска.
„Нашите предавања секогаш резултираат со интерпретација на текстови и поттик за пишување. Така и активноста на тема ,Интерпретативни плетки на стихови од македонската и француската поезија. Средновековни паралели‘ беше спој од мултимедијално предавање со уште еден осврт кон светската средновековна литература, рецитација на стихови и креативно творење“, вели д-р Ристова-Михајловска, која е и проектен координатор и осмислувач на сите проектни активности.

Младите ликовни уметници од Школата за ликовна уметност и ракотворење „Нова визија“ при АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ под менторство на проф. Анастасија Петрова направија ликовна изложба во склоп на проектот.
„Во чест на 130 години од упокојувањето на Рембо, 700 години од упокојувањето на Данте и 100 години од раѓањето на Блаже Конески, ликовните уметници од ЕУРОАРТ под мое менторство работеа на тема ,Светлото и темното – кохезија од поттикувања за ликовната четка‘. На овој настан учествуваа и ученици од ООУ ,Славејко Арсов‘, средношколци од СОУ ,Димитар Мирасчиев‘, кои дополнително беа поттикнати кон создавање нови дела“, вели проф. Петрова.
За љубителите на музиката, меѓу кои посебно место имаа студентите од Музичката академија при УГД-Штип, предавање реализираше и проф. д-р Ангеле Михајловски.
„На тема ,Француската соната-актуелен предизвик за денешните студенти‘ реализиравме мултимедијално-уметничко и музичко-интерпретативно предавање со работилница во чест на Анри Дитие“, вели проф. д-р Ангеле Михајловски, кој е и автор на проектот.
За релациите меѓу македонската и француската поезија, на посебно предавање зборуваше проф. Рената Пенчова.
„Со оглед на тоа дека мојот дипломски труд беше насочен кон споредување на поетиките на францускиот Андре Бретон и македонскиот Петре М. Андреевски, го прифатив предизвикот да го надополнам предавањето во рамки на проектов со збогатување на поставените паралели преку дополнителни анализи на стиховите од Рембо и Конески“, истакна проф. Пенчова.
Проектот се реализира петта година по ред и како доста успешен проект од областа на европските интеграции, истиот се јавува веќе четврти пат во Годишната програма на НУ-УБ „Гоце Делчев“-Штип како проект од национален интерес.
„Опфатени се многу целни групи, од основци, средношколци, читатели од сите генерации, курсисти од Штип, од земјава и надвор од неа, студенти од УГД; студенти од Париз, наставници, професори, библиотекари. Сите тие ја сочинуваат мрежата што е активно вклучена во реализацијата. Ние како Библиотека сме горди на вакви проекти, а јас како координатор од редот на вработените, со задоволство учествувам во проектот“, вели Соња Манева, библиотекар.

Круна на овој проект е предавањето што го одржа доц. д-р Милена Ристова-Михајловска пред студентите, кои изучуваат македонски јазик на Националниот институт за јазици ИНАЛКО во Париз, Франција, што е еден од основачките и најреномираните членки на универзитетскиот комплес „Сорбона“ во Франција. Во склоп на предавањето во Париз се реализираше и книжевна средба на проф. Рената Пенчова и д-р Милена Ристова – Михајловска со студентите на ИНАЛКО.
Инаку, во сите овие активности во континуитет се вклучуваат членовите на ЕУРОАРТ, а посебно тимот од Книжевно-креативниот центар „Еквилибриум“ при АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ-Штип.
Проектот „Француски учиме, македонски читаме – култура спојуваме и развиваме“, е поддржан од Министерството за култура на Р. С. Македонија, а се реализира со поддршка на Амбасадорката на Македонија во Париз, Н. Е. Јадранка Чаушевска Димов, и Амбасадата на Р. С. Македонија во Париз, Франција.