

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА од 22 до 29 ноември организира бесплатно тестирање за ХИВ – Сида со брзи ХИВ тестови. Оваа акција е во рамките на одбележувањето на Европската недела на тестирање за ХИВ, која се одбележува осма година по ред.
Според ХЕРА, се проценува дека во Македонија секое трето лице кое има ХИВ, не го знае својот ХИВ-позитивен статус, односно не е свесно дека е ХИВ-позитивно. Да се знае својот ХИВ-статус, што е можно порано, е многу важно, затоа што денес благодарение на терапијата за ХИВ, која е достапна и бесплатна кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман. Редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот, бидејќи терапијата го потиснува вирусот до т.н. недетектабилно ниво, при што е невозможно ХИВ да се пренесе на друго лице по сексуален пат.
–Сакајќи да го направиме тестирањето за ХИВ подостапно и да ги охрабриме граѓаните да го дознаат својот ХИВ-статус, во рамките на Европската недела на тестирање за ХИВ, ХЕРА ќе обезбедува бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови. Овие услуги се достапни во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам” на Водно секој работен ден од 16 до 20 часот и за време на викендот од 11 до 15 часот, велат од ХЕРА.
(Прочитајте и: Контрацепцијата во Македонија табу тема )
За подетални информации и за закажување, граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950. За заинтересираните е достапна и мобилната андроид апликација Направи ХИВ тест, преку која може да добијат информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ, како и да ги дознаат сите локации низ земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Google Play.
Европската недела на тестирање за ХИВ е меѓународна иницијатива кон која се приклучуваат повеќе од 600 организации низ Европа за да ја подигнат свесноста за важноста на навременото тестирање за ХИВ и на пристапот до терапија за ХИВ.