
Филозофијата, предмет што се изучува во последната година од средното образование, нуди клучни знаења за интелектуалните традиции и начините на разбирање на светот. Таа им овозможува на средношколците да развијат критичко размислување и да ги поврзат стекнатите сознанија со денешното време. Значењето на овој предмет се потврдува со растечкиот интерес кај учениците – секоја година сè повеќе млади се пријавуваат на натпревари по филозофија, при што Гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип редовно ги освојува првите места.
Неодамна, предлогот за воведување на филозофијата како изборен предмет во средните училишта предизвика бурни реакции во јавноста. Проф. д-р Данка Јовева, професорка во СОУ „Славчо Стојменски“, остро се спротивставува на иницијативата:
„Како професор по филозофија, чувствувам длабока загриженост и револт од неодамнешниот предлог за намалување на улогата на филозофијата во образованието,воведување на филозофијата како изборен предмет, како и со укинувањето на етиката и логиката. Сметам дека, оваа одлука ја поткопува суштината на образованието, бидејќи филозофија и логиката ја градат способноста за критичко размислување, а етиката ја развива моралната свест. Без овие основи, ризикуваме да создадеме генерации без капацитет за аналитичко расудување и етичко дејствување. Филозофијата, како дисциплина која расправа за најсуштинските прашања поврзани со светот и човекот, дисциплина што ги интегрира сите науки и ги обликува темелните прашања за знаењето, вредностите и човековото постоење, не може да биде сведена на маргинална улога во наставната програма.Ваквата деградација на филозофските дисциплини може да има сериозни последици, не само врз интелектуалниот развој на младите, туку и врз демократските вредности и безбедноста на државата – вели проф. д-р Данка Јовева, професор во СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип“.
Филозофијата не само што го поттикнува интелектуалниот развој, туку и ги мотивира младите да размислуваат критички и да се пронајдат себеси. Игор Христовски, ученик во Гимназијата, вели:
„Филозофијата игра клучна улога во тоа како ние учениците пристапуваме кон учењето. Таа нè учи не само да прифаќаме информации, туку да ги преиспитуваме, анализираме и да формираме сопствени заклучоци. Општество во кое луѓето немаат критичка мисла и морална свест е лесен плен за манипулации и популизам. Сметам, дека само со мудри, критички настроени и морално свесни луѓе, државата може да напредува“ – вели Игор
Интересот за филозофијата е особено видлив кај учениците што учествуваат на натпревари. Марио Ванчоски, овогодишен учесник на Филозофскиот натпревар, споделува:
„Кога се пријавив на натпреварот по филозофија очекував филозофијата да ми помогне во осознавањето на светот. Сметам дека преку филозофијата, која е основа на сите науки и уметности, можеме да добиеме одговори на голем број прашања“- вели Марио Ванчоски.
Според последните информации, предлогот за укинување на филозофијата е повлечен.
Сепак, дискусијата ја истакна нејзината незаменлива улога во образованието. Филозофијата останува клучна за развој на интелектуалниот капацитет и аналитичкото размислување кај младите, овозможувајќи им да станат свесни и одговорни граѓани.