
Бил Гејтс смета дека развојот на вештачката интелигенција (ВИ) е најважниот технолошки напредок во последните децении. На неговиот блог, Гејтс го нарече развојот на ВИ исто толку фундаментален како создавањето на микропроцесорот, персоналниот компјутер, интернетот и мобилниот телефон.

Бил Гејтс
„Тоа ќе го промени начинот на кој луѓето работат, учат, патуваат, добиваат здравствена заштита и комуницираат едни со други. Цели индустрии ќе се преориентираат околу него. Бизнисите ќе се разликуваат по тоа колку добро го користат“, вели Гејтс во својата блог-објава.
Филантропот пишува дека, покрај тоа што ќе им помага на луѓето да бидат попродуктивни, вештачката интелигенција може да ги намали некои од најлошите нееднаквости во светот, како нееднаквоста во здравството.
„На глобално ниво, најлошата нееднаквост е во здравството: 5 милиони деца на возраст под 5 години умираат секоја година. Тоа е 10 милиони помалку отколку пред две децении, но сепак е шокантно висока бројка. Скоро сите овие деца се родени во сиромашни земји и умираат од причини што може да се спречат, како што се дијареја или маларија. Тешко е да се замисли подобра употреба на вештачка интелигенција отколку спасување животи на деца“, пишува Гејтс.
Гејтс во блогот ја опишува и средбата со тимот на „Опен АИ“ која го разви ChatGPT, но и за средбата со овој чет-бот, кога „со стравопочит“ гледал како технологијата положува испит по биологија на ниво на факултет.
Тимот зад ChatGPT во јануари годинава доби инвестиција од повеќе милијарди долари токму од Мајкрософт, каде што Гејтс сè уште служи како советник.