Денес е сè потешко да се направи разлика меѓу вистинските и лажните вести. Сè повеќе манипулативни центри на моќ шират информации за сопствени цели.
Проф. Страшко Стојановски предава Јавност и јавно мислење, на студиската програма по новинарство на УГД во Штип. Тој вели дека појавата на лажните вести и дезинформации е особено тесно поврзана со појавата на социјалните мрежи и со постојаните истражувања на јавните мислења. Истражувајќи ги јавните мислења, политичките партии сакаат да се поклопат со тоа мислење. Професорот анализира кој и како ги креира лажните вести во Македонија.
Во светот има консензус дека медиумската писменост може да помогне во сузбивање на лажните вести и манипулативните информации.
Во 2020 година УНЕСКО ја донесе „Сеулската декларација за медиуми и информации за секого и од секого“. Во неа врз основа на многубројни истражувања и наоди се потврдува клучната улога на медиумската писменост токму за овие цели, т.е. како што се наведува во овој стратегиски документ, „медиумската писменост е клучна способност за справување со т.н. инфодемија“, односно вирално ширење на дезинформациите, вели комуникологот и професор Сеад Џигал.
Професорот Стојановски тврди дека политичките партии се тесно поврзани со лажните вести во Македонија. Политичките партии често знаат да бидат производители на лажните вести.
Бизнисот ги користи и партиите во сопствен интерес?
Сепак, крајната цел е бизнис-интересот. Бизнисите се тие што ги користат сите можности, вклучувајќи ги и политичките партии за да дојдат до економски интерес.
Како медиумската писменост може да помогне?
Медиумската писменост помага да ги препознаеме и да ги изолираме дезинформациите, т.е. правилно да ги филтрираме точните од неточните и манипулативните информации во медиумите, со што значително се заштитуваме себеси. Постојат одредени стандарди, кои точна и квалитетна информација и професионален медиум треба да ги имаат. Ако сме информирани и едуцирани за овие стандарди, на кои се фокусира медиумската писменост, тогаш многу полесно ни е да ги препознаеме оние медиуми и содржини што не ги почитуваат, а помеѓу нив да ги идентификуваме и оние што имаат манипулативни цели. Ова е посебно важно за, условно кажано, поранливите социјални групи во однос на дезинформации, како што се младите и децата, вели професорот Сеад Џигал.
Медиумската писменост во Македонија е многу слабо застапена во формалното образование. Иако тоа е еден од начините за борба против дезинформациите, ние сè уште доцниме во овој сегмент. На теоретско ниво сме свесни дека е потребно исчекор, но формално ова уште не е вклучено во образовните програми.
Проблемот со медиумите и образованието е многу сложен. Направени се одредени позитивни чекори и реформи, но земјава ја чека многу работа и предизвици на тој пат. Во суштина, потребна е поголема интеграција и застапеност на медиумските образовни содржини во формалното образование, на сите три нивоа, основно, средно и високо. Исто така, потребна е и поголема поддршка, во секоја смисла, во делот на неформалното образование и активностите на граѓанскиот сектор, граѓанските и меѓународните организации, медиумските здруженија, преку отворени и лесно достапни можности за различни видови тренинзи, обуки, едукативни материјали, онлајн сервиси за самоедукација и слично, вели професорот Сеад Џигал.
Во процесот на едукација е важно да се идентификуваат и различните видови лажни вести и дезинформации што кружат во Македонија. Доколку формалното образование не е присутно, многу е значајно и за себе ние индивидуално да се едуцираме за да можеме да бидеме отпорни на тоа некој да манипулира со нас и со нашето однесување.
Автори на текстот: Игор Стојанов и Тони Михаилов