ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
11.12.2021
Бојан Велевски: „Што е твое ќе си дојде, ама мора и ти малку да го побараш.“

Во ова сиво време кое не’ следи последните години, секогаш е добредојдено некое интересно и смешно видео. Меѓу таквите се вбројуваат и оние на нашиот денешен наш гостин,  Бојан Велевски, актер, комичар и човек кој што знае да ги насмее луѓето без разлика на тоа колку денот им тргнал лошо.

Ние го знаевме и како Ице од „Наше маало“, а сега го знаеме како човек кој што преку хумор ги претставува работите онакви какви што се. Во актерските води запливал на своите 11 години, а за себе вели дека е креативец заљубен во креативниот и оригинален маркетинг.

  • „Љубовта кон комедијата е вградена во мојата душа, како дар од Бога.“

Бојан вели дека не се сеќава на своите први настапи, ама добро се сеќава на гласните аплаузи. „Тоа беше знак дека добро поминал настапот.“

Сите знаеме дека неговите видеа се полни со најразлични теми, па го прашавме од каде добива инспирација?

  • „Секаде каде што се движам, се’ што читам, се’ што слушам и гледам, ако знаеш како, можеш да го претвориш во инспирација. Тоа не се учи, доаѓа со искуството низ годините на практицирање стенд ап.“

Интересно е да се знае дека во стенд ап настапите не постои моментот „го заборавив текстот.“ Бојан вели дека обожава да го „заборава текстот“ и да импровизира, па некогаш се изненадува и самиот себеси.

Најчудното нешто што ти се случило за време на настап…

  • „Милена од Виница, на настапот во Домот на култура во Штип. Тие што биле на настап кај мене знаат што е муабетот.“, се смее Бојан.

Посебен момент во животот…

  • „Кога ме примија на ФДУ. Тоа е мој интимен момент кој можеби не е важен кога сакаш да се истакнеш пред јавноста или публиката, но за мене беше ужасно стресен тој период од 15 дена по 16 саата на ФДУ незнаејќи дали ќе биде залудно и ќе влезеш во тие 10-12 од 60 70 кандидати.

На приватните “факултети” за актерство нема такво нешто. Плати и ОП      глумец си.“

Бојан ни откри дека нема омилени комичари, ама учел од Робин Вилијамс, Карлин, Еди Изард, Еди Марфи. Ќе ги сметаме тие за едни од омилените.

Непишано правило…

„Што е твое ќе си дојде, ама мора и ти малку да го побараш.“

Ако се разбудиш наутро и сфатиш дека си 400 години назад, како би им објаснил на луѓето дека доаѓаш од иднината?

„Ќе им го покажам само телефонот и од тука натаму ќе видиме како ќе се развие дебатата.“, се смее Бојан.

Технологијата сепак може да направи чуда, нели.


Прочитајте и: Фотографиите на Тоши Трајчов ќе ве натераат да се вљубите во Штип


Порака до младите…

„Не се откажувајте од Македонија. Сакајте ја. Нашата генерација потфрли, ви оставаме голем багаж. Не се откажувајте од своите цели и соништа. Но, секогаш враќајте се дома. Затоа што никаде не е како дома.“

Некои го знаат како Ице од „Наше маало“, некои го знаат како Бојан од социјалните мрежи. Како и да го познавате, секогаш е тука да го тргне лошото расположение и да не’ насмее.

Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Здравствени политики за сите