ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.07.2023
Борбата за подобро утре на Луна уште трае

Борбата за собирање на потребните средства за Луна се’ уште трае. Денеска (петок, 21 јули) во Гевгелија ќе бидат одржани два хуманитарни концерти со цел што побрзо да се собере потребната сума и да се закаже операцијата. Поразговаравме со Елена Поп Костова, мајката на Луна која што ни ја раскажа целата приказна за болеста на Луна. Елена верува дека за нејзината ќерка ќе има подобро утре.

Луна е дете од близначна бременост кое при раѓање се здобива со тешка асфикција на мозокот, односно недостаток на кислород во мозокот.

Стефан, Елена и Луна

„Моите ќерки требаше да се викаат Ива и Ева. Заради грешка во приватните клиники и ненавремено реагирање за итна цезерија во 2009, Луна се роди со тешка асфикција на мозокот. Беше три недели во инкубатор во многу ризична состојба и шансите за преживување беа многу мали. Тоа е причината зошто ги променив имињата во Лана и Луна. Се плашев, а денеска уште се плашам дека ќе ја изгубам, па знам дека секогаш кога ќе ја погледнам месечината, ќе знам дека Луна е меѓу нас. Луна беше задржана на клиниката околу 4 месеци и успеа да се избори со првиот удар кој и го зададе животот.“

Луна се избори и со сепса…

„Со Луна претрпевме многу борби и многу кризи. Првиот наш контакт беше после 4 месеци, кога беше префрлена на одделение. Се сеќавам дека беше во соба со дечиња кои беа спремни да заминат дома. Битките беа тешки, на одделението доби сепса, беше ставена до прозорец и имаше многу рани. Седев пред врата и се молев за денот кога ќе заминеме дома. Денот кога ни кажаа дека може да ја однесеме дома следуваше разговор со др. Сајковски кој некако на подготвни на денешните денови.“

2019 година беше лоша и за Елена…

„После раѓањето на Стефан повторно се врати карциномот кој со кој што се борев повеќе од една година по втор пат. Пред да останам бремена добив карцином прв пат и примав орална хемотерапија, а бременоста со Стефан беше многу ризична. Благодарение на Бога, сега сме живи и здрави и двајцата.“

Како растеше Луна така растеа и проблемите…

„Деновите изминати во болничкиот кревет ги оставивме за нас, но психичката моја состојба се влоши. Бев под терапија се до денот кога сфатив дека на моите деца им треба мајка во вистинска смисла на зборот, а не мајка која функционира како робот со завршување на секојдневните обврски. Мајка ми беше болна од карцином, сопругот работеше во казино, па целата обврска околку децата ја презедов јас. Тогаш сфатив дека добриот родител е здрав родител. Луна кризираше со клиничка смрт во моите раце и пет години повминав во државна клиника. Заминавме во болница за белодробни заболувања во Белград. Добивме резултати дека едното белодробно крило е помало од другото, но уште е во функција. Неговите зборови беа: „Дојдете на контрола за шест месеци, доколку ова девојче преживее.“. Луна го преживеа и тоа.

Со помош на дефектолог – логопед Ивана Дуева и голема желба на Луна, таа почна да говори и да се движи со помош на помагало. Покрај Луна, мајка сум уште на четири деца со кои што работам и им го давам потребното внимание. Мајка ми се избори со карциномот и многу ми помогна со Луна и нејзините потреби.“

Денеска Луна е тинејџерка…

„Денеска Луна е во пубертет и нејзините проблеми се многу големи. Се здоби со искривување на ‘рбетот. Во 2019 година бевме одбиени за операција заради сите нејзини компликации. Во последните шест месеци Луна се бори со последен статиум на сколиоза. Со моите роднини ја однесовме во Аџибадем Систина во Турција каде што тим на лекари ја прегледаа и ги направија сите потребни резултати и ни рекоа дека мора да се консултираат, па да ни одговорат дали Луна може да оди на операција. Пред еден месец добив меил со одговор дека на Луна и се потребни три операции одеднаш и дека тие ќе траат од 15 до 18 часа, а за да закажам термин мора да уплатам 64.300 €.“

Телефоните за донации се Телеком- 143 103 и А1 – 143 438

Засега не е собрана ни половина од потребната сума. Во Гевгелија беа организирани настани каде што граѓаните масовно собираа донации, а вечерва ќе има два хуманитарни концерти со истата намена. Потребната сума за закажување на операцијата е 64.300 €, а посебно треба да се плати превоз, сместување и понатамошно лекување. Елена работи како козметичарка, а патот кој што го минува е многу тежок. Нејзиното најмало дете има 4 години и се уште не е самостојно како другите девојчиња. Во борбата за подобро утре на Луна учествуваат и нејзините сестри кои и помагаат на Елена колку што можат.

„Најмногу ме боли кога Луна низ болки ме прашува дали се собрани парите и кога ќе заминеме на операција. Да успееш да ги сопреш солзите и да кажеш дека се ќе биде во ред, а ни самиот не си сигурен е навистина тешко. Ние овој пат не го одбравме. Луна е борец и верувам дека Господ нема да не остави сами ни во оваа борба. “, ја завршува својата приказна Елена.

Ако сакате и Вие да помогнете, свртете на донаторските броеви:
A1 143-478
T-mobile 143-103
Go Fund Me: https://gofund.me/45bc4a15

Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Здравствени политики за сите