На 11 декември, Светскиот ден на планините, Боренка го одбележува значењето на планините како дом на неверојатна биолошка разновидност и заштитници од климатските промени.
Во текот на есента, Боренка, со поддршка од над 800 волонтери, успеа да пошуми 12 хектари опожарени планински предели, засадувајќи 36.000 дрвја на локации како Кокино, Берово, Будинарци и Пехчево.
Со ова, вкупниот број засадени дрвја од страна на Боренка достигна 91.000 на повеќе од 25 хектари, придонесувајќи за обновување на уништените шуми и зачувување на планинските екосистеми.
„Планините ни даваат чист воздух, вода и живот – време е да им вратиме,“ истакнуваат од Боренка, која продолжува со акциите за пошумување и еколошка свест.
Посебна благодарност беше упатена до партнерот Ladna.mk, кој неуморно ги поддржуваше волонтерите во нивните акции.
Боренка најавува нови активности за заштита на природата, истакнувајќи дека силата е во издржливоста, а борбата за зелената боја на планините продолжува.