
Бојана Тошевска, уметничка од Штип, предновогодишниот период го користи за рачно цртање на влезови од згради во Штип со новогодишна и празнична тематика. Со овој гест, таа го надополнува новогодишниот дух кај граѓаните во градот. Иницијативата започнала од страна на “Идеал Логистик“ пред неколку години, а Бојана се приклучила оваа година по препорака на колега. Неjзе и се допаднала идејата да уметноста да биде меѓу луѓето , во нивниот секојдневен простор.

„Мотивацијата ми беше едноставна, но силна да внесам топлина, празничен дух и боја во секојдневието на станарите, да им создадам чувство на добредојде уште од самиот влез и да покажам дека и еден мал уметнички гест може да го разубави просторот и да донесе насмевка.“, вели Бојана.
Самата иницијатива била и топло прифатена од станарите. Новогодишниот дух и тематските цртежи буделе позитивна енергија и насмевка. Покрај набљудувачи, станарите, а најмногу децата и активно се вклучиле во проектот.

„Додека работев, многумина застануваа да погледнат, да прашаат што ќе биде следно, да дадат коментар или едноставно да кажат дека им се допаѓа и дека влезот изгледа поубаво и повесело. Посебно ми беше драго што станарите не беа само “публика”, туку и активно се вклучуваа најмногу децата. Тие помагаа да се одлепуваат креп-траките, цртаа детали, даваа предлози и идеи, и со тоа целиот процес доби уште поубава, заедничка енергија. Реакциите беа многу спонтани и пријателски секогаш кога цртав, некој ќе ми донесеше чај, кафе, чоколадо, кроасан, мандарини… Тоа за мене беше знак дека го ценат трудот и дека им значи што нивниот заеднички простор добива топлина и празничен дух. Најубаво е кога ќе видиш дека луѓето се радуваат на резултатот.“, вели Бојана.

Цртежите не само што будат чувства кај станарите, туку и кај уметничката. Бојана истакнува дека самиот акт на цртање, и покрај предизвиците кои ги носи студеното време, влажноста и постојаната раздвиженост на луѓето во влезовите, сепак буди чувство на топлина, радост ии детска возбуда како потсетник дека празничниот дух не е само во украсите, туку и во атмосферата што ја создаваат луѓето.
“Кај граѓаните гледам дека предизвикуваат насмевки, љубопитност и убаво расположение застануваат да погледнат, да се фотографираат, да искоментираат, и тоа го прави просторот по „жив“ и попријатен. Кај мене, пак, чувството е мешавина од мир, исполнетост и гордост. Ме радува што преку нешто што го работам со раце и срце можам да внесам позитивна енергија. Најубав момент ми е кога ќе видам дека некој се насмевнал или дека влезот станал место што ги собира луѓето тогаш знам дека цртежот си ја исполнил целта.“, вели Бојана.