
Иван Бојаџиски, е доајен на македонското новинарство. Еден од најискусните новинари во Македонија со работен стаж од 62 години. Бојаџиски и после официјалното пензионирање продолжи да работи новинарство. Денес е активен со својот вебсајт istokpress.mk, и со својот единствен печатен медиум во Источна Македонија „Штипски Глас“. Со Бојаџиски разговаравме за неговата перцепција за младите, новинарството и медиумите. Зошто нема млади кои сакаат да се занимаваат со медиуми и новинарство и кој е виновен за тоа?

Иван Бојаџиски
Во новинарството сум 62 години. Од 1961 година кога со оваа инспиративна професија започнав да се бавам во весникот на Текстилниот комбинат „Македонка“ каде го потпишав првото решение и станав професионален новинар. Претходно, во Текстилното училиште го уредував весникот на училиштето.
Ме мотивира пред се и над се значењето на професијата. Од 1440 година кога Јоханес Гутенберг ја измислил првата печатарска машина зборовите станаа жива и подвижна сила патувајќи од еден до друг крај на светот по што ништо на земјината топка повеќе не беше исто.
Таа можност да информираш, да анализираш, да коментираш, да споделуваш информации, тоа мојот мотив што сеуште, и на овие мои 80 години живот, не сум подготвен да се откажам од професијата новинар.
Гоце.мк – Mediamocracy кампот е можност за вмрежување на младите новинари – (goce.mk)
Во поранешните години кои јас ги нарекувам и „мое време“ беше прашање на чест да се студира новинарство, а ако го насетиш талентот во себе и без завршени студии, да се работи во оваа професија. Денес младите не го сакаат новинарството, а јас лично, во извесна смисла и ги оправдувам. Денес сите работи во оваа професија се изместени од својата содржина, од смислата на постоењето. Прво, кај нас во Македонија нема многу медиуми, а и тие што ги има се строго затворени за младите новинари. Второ, слободата на создавањето вести им се убива на младите новинари од уредниците кои се во спрега со сопствениците на медиумите, а овие пак прават дил со политички лидери и економски влијателни личности. Плус на сето ова се и мизерните плати кои младите, од значењето на професијата новинари, ги добиваат за својата работа. Лично, не гледам подобра иднина за новинарите и новинарството.
На делот за „вината“ на постарите генерации ќе речам само толку дека никој не може да ни биде виновен за одлуките кои сами ги носиме и се само наши и ничии други. Значи, нема вина кај постарата (не само моја) новинарска генерација.
(освен кај мал дел кои денес се уредници, а дел и сопственици на медиуми). Вината треба да се бара пред се во општите општествени односи во државата и во младите кои не се подготвени тие и такви односи да ги менуваат во една позитивна насока.
Да, имаме се повеќе медиуми благодарение на интернетот, и сме „затрупани“ од мал милион ѓубре-информации. Јас тука ќе го цитирам најдобриот афористичар од екс Југославија Душко Радовиќ кој има речено: „Сите велат дека требало да бидеме информирани, а јас би сакал да не го знам и тоа што го знам“!
За мотивацијата на младите за новинарската професија најважно е на младите секојдневно да им се даваат информации за убавините и значењето на професијата. Да им се даде до знаење дека тие се генерациите од кои нашето општество во очекува квалитетни промени во медиумската сфера. Да се охрабрат, да ги води помислата дека тие се тука, на овој убав простор, со мисија да ги менуваат нештата…А ако тие промени се во една толку важна областа како што е новинарството тогаш да им се сугерира дека и нивното значење во заедничкиот дом Македонија има посебна вредност.