По објавите во некои медиуми дека според новите наставни програми за основно образование децата во второ одделение ќе учат за идентитети, Бирото за развој на образованието (БРО), кое деновиве ги објави наставните програми за второ и петто одделение, реагира дека во медиумите и во јавноста се пласираат погрешни информации. Од БРО велат дека фокусот се става на националните стандарди наместо на резултатите од учење конкретизирани преку стандардите за оценување во секоја одделна наставна програма.
- Националните стандарди се состојат од знаења, вештини и ставови, односно вредности базирани на осум подрачја на клучни компетенции за доживотно учење кои учениците треба да ги стекнат до крајот на основното образование. Во процесот на образованието, секој наставен предмет во секое одделение, како и воннаставните активности во училиштето, учествува, согласно возраста на учениците и спецификите на наставниот предмет, во стекнување на тие компетенции. Во секоја наставна програма од конкретен предмет прецизно е наведено што ученикот/ученичката треба да научи по тој предмет во даденото одделение. Тоа се гледа преку резултатите од учење и стандардите за оценување наведени во наставната програма, посочува Бирото.
Од Бирото појаснуваат дека доколку се погледнат наставните програми за второ одделение во стандардите за оценување и понудените активности најдиректно може да се препознаат трите водечки принципи на новата Концепција: принципот на родова сензитивност/рамноправност, принципот на инклузивност и принципот на интеркултурност.
- Така на пример, во наставната програма по Општество за второ одделение (страници 6-10) наведен е следниот резултат од учење: „Ученикот/ученичката ќе развива свест за почитување на различности врз основа на пол, јазик и можности“, кој се очекува да биде постигнат преку конкретни стандарди за оценување (пр.: „Препознава ситуации на нееднакво постигнување со момчиња и девојчиња во училиште.“ и „Наведува примери за почитување и непочитување на разликите во различни контексти.“) и серија од понудени активности прилагодени на возраста на учениците, кои овозможуваат самите ученици да изведат заклучоци во врска со родовата рамноправност, укажува БРО.
Во апелите, во кои се приклучува и Министерството за образование и наука се да не се прифаќаат и шират лажни вести кои, како што додава – „се дел од секојдневието во нашата држава“ и повикува „сите заинтересирани страни да побараат релевантни информации од стручните тимови на надлежните институции наместо самите да толкуваат или пренесуваат статуси од социјалните мрежи“.
Можеби ќе ве интересира