
Бугарското Министерство за здравство соопшти дека поради недостаток на побарувачка, залихите на вакцини за Ковид-19 во земјата се зголемени и дека е неизбежно вакцините да се уништат.
Министерот Асен Меџидиев рече дека нема интерес за вакцинација.
„Ние сме на работ да уништиме 2,8 милиони вакцини на кои им истекува рокот“, рече Меџидиев.
Поради слабиот интерес на граѓаните за вакцинација, ги затвориле одделенијата за вакцинација во главните болници во земјава, кои речиси никој веќе не ги посетува.
Меџидиев изјави дека по уништувањето на два милиони дози од вакцината чиј рок на употреба истече лани, годинава ќе истече и рокот за 2,8 милиони дози.
Министерството за здравство соопшти дека Бугарија мора да увезе уште осум милиони вакцини до крајот на оваа година, во зависност од координираната политика на Европската унија (ЕУ) во борбата против Ковид-19. Дел од овој договорен увоз е однапред платен.
Меџидиев рече дека овој увоз е „непотребен трошок“.
Бугарија е меѓу земјите со најниска стапка на вакцинација против Ковид-19 во ЕУ. Околу 39.000 луѓе починаа како резултат на инфекција со коронавирус.
Министерството за здравство на Република Македонија пак заврши процедура за уништување 65.978 дози вакцини против Ковид- 19 со поминат рок на употреба по добиена дозвола од МАЛМЕД, потврдија оттаму за „Слободен печат“. Тековно, како што им изминува рокот на вакцините, тие се повлекуваат од употреба и почнува процедура за подготовка за нивно уништување. Не помогна ниту тоа што Европската агенција за лекови ЕМА им го продолжи рокот на вакцините од Фајзер за уште неколку месеци.
Граѓаните и во Македонија изразуваат исклучително слаб интерес за бустери.