
Колумна
Има една приказна за старецот кој цело време го ветувал „богатството“ на своите синови. И цело време ги држел блиску до него преку тресење со безвредно ќесе полно со метал и ‘рѓа. Стравот дека некој друг син ќе добие поголем дел „од азното“ ги држел синовите меѓусебно раскарани и во постојан натпревар кој да биде „подобриот син“. Оваа финта ја прави секоја власт во Македонија, а особено со медиумите и новинарите.

Photo by Joao Cruz on Unsplash
Забраната за рекламирање, или фамозниот член 102 од Законот за аудио, аудиовизуелни медиумски услуги, помогна во какво – такво намалување на корупцијата во медиумите. Прашањата денес се дали сакаме да се врати и како политичарите го користат како јаболко на раздорот или како инструмент за корупција на медиумите? Денес власта се однесува како старецот кој ветува богатство кое го нема, и со тој ветер и магла креира состојба на антагонизам меѓу новинарите и медиумите.
Точно е дека во 2016-та година се донесе забраната и дека со тоа прекина долгогодишната „легална корупција“ на медиумите. Од бомбите слушавме како некои национални медиуми добивале и по 2 милиони евра народни пари годишно, а малите медиуми со неколку илјади евра го премолчуваа тоа.
Оние кои беа „неподобни“ немаа шанси да се борат на уништениот медиумски пазар во кој, со околу 20 милиони државни пари, беше нарушено секое пазарно правило. Како ќе се борите со гледаност и креирање на програма кога некој медиум добива 2 милиони гратис и со нив купува новинари и прави програма? Или уште полошо купува новинари, а не прави програма.
Денес имаме ситуација кога политичарите директно на медиумите и сопствениците им велат „сакам да ти дадам пари, ама членот 102 не ми дозволува“. И сега се создаде ситуација кога новинарските здруженија се борат за намалување на корупцијата, а самите новинари притискаат да се врати државното рекламирање, оти политичарите им „тресат со ќесето“ директно на новинарите.
Уште пред 2016-та се сомневав дека ќе има некоја власт која ќе сака да ја реши состојбата со медиумите и силната корумпираност. Ако некој ја реши состојбата си ја доведува сопствената комотна позиција во прашање. Си велев:
Денес имаме состојба во која немаме државно рекламирање во медиумите, но имаме финансирање на невладини организации кои се сопственици на медиуми, интернет портали и други медиуми особено во изборен процес.
Денес имаме ситуација кога власта повеќе од три години не сака да го реши проблемот со членовите на програмскиот совет на МРТ и членовите на ААВМУ. Овие две клучни тела за медиумските реформи со години работат со истечен мандат и надвор од законите. Замислете?
Излегува дека не сака само мал круг во власта кому не му е пријатно да биде критикуван и да го држат одговорен.
Затоа тука битката треба да ја водат не само медиумските здруженија, туку и граѓаните. Граѓаните мораат да сфатат дека новинарите, по логика на нештата, не се оние кои им се непријатели. Новинарите не се борат за власт, не се на гласачкото ливче и немаат интерес да ве лажат за да стигнат до одредена позиција. Тоа е интересот на една друга група – политичарите.
Ние новинарите мораме да гледаме подалеку од краткорочната корупција на власта и да се потсетиме во каков свет живеевме пред забраната за државно рекламирање. Треба да ни стане јасно дека сите ќе не снемаше, ќе постоеја само новоформираните медиуми со новопечените новинари, членовите на новоформирани здруженија. Целосно нова реалност, Орвеловска реалност.
Точно е дека медиумите се во исклучително лоша состојба, практично како и секој бизнис во Македонија. Но зарем новинарите не сфатија дека ако некој сакаше да ја реши состојбата прво ќе избереше програмски совет на МРТ, па ќе ја ставеше МРТ на здрави нозе, па ќе создадеше медиум за пример – лидер. Нели сфативме дека ако некој сакаше да ја реши состојбата ќе избереше членови во ААВМУ кои ќе работеа на соодветна регулација на пазарот и ќе ги израмнеа позициите на медиумите.
За среќа има решение. Можно е да се помогнат медиумите, а тоа да не биде корупција каква што паметиме. Прашањето е дали има волја или некому му одговара 102 да биде вечно оправдување?
Решението треба да се бара во реформа на МРТ, во реформа на регулаторот и создавање на праведен медиумски пазар. Решението треба да се бара во финансирање на медиумски содржини, а не на медиуми. Решението треба да се бара во обединетост наспроти раздор и решението е во нашето најмоќно оружје – публиката. Да побараме поддршка од граѓаните во борбата против корупцијата во медиумите. Оти сме на иста страна.
Oвој новинарски текст/новинарска сторија е подготвен од авторите Дијана Насева и Игор Стојанов ангажирани од Советот за етика во медиумите во Македонија со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во овој новинарски текст/новинарска сторија му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.