Д-р. Јовева: “На прагот сме на нова ера во третманот на Паркинсонова болест”
По повод Светскиот ден на Паркинсоновата болест, разговаравме со доц. д-р Елена Јовева, невролог со долгогодишно искуство во третманот на ова хронично невродегенеративно заболување. Во ова исклучително интервју таа зборува за најновите научни достигнувања, значењето на раната дијагноза, како и за предизвиците и можностите што ги нуди здравствениот систем кај нас.
Паркинсоновата болест сè уште не е излечива, но новите терапии, технолошки решенија и мултидисциплинарниот пристап отвораат врати кон еден нов и надежен правец.

„Науката оди напред–време е и системот да ја следи.“-посочува д-р. Јовева.
- Што точно е Паркинсонова болест и како се разликува од другите невролошки нарушувања?
– „Паркинсоновата болест претставува невродегенеративно заболување кое ги зафаќа базалните ганглии на големиот мозок. Се дефинира како хронично прогресивно пореметување на моторната функција, со тријас на симптоми: хипокинезија, мускулен ригор и тремор во мирување.
Тријасот на симптоми од брадикинезија, ригор и тремор овозможува Паркинсоновата болест да се разликува од останатите невродегенеративни невролошки заболувања.“
- Кои се најчестите рани симптоми? И дали постојат и оние „тивки“ симптоми што често се игнорираат?
-“Пред да се дефинира комлетната клиничка слика на Паркинсоновата болест , постојат таканаречени тивки немоторни симптоми кои инволвираат други структури од централниот невен систем тоа се: олфактирни ( мирисни ) промени – хипоосмија, констипација , бихејвиорални нарушувања , депресија, нарушување во сонот, намалување на дискриминацијата за бои, сензорни симптоми , вклучувајќи и болка.
Затоа кога се зема анамнеза на пациентот при невролоски преглед посебно внимание треба да се посвети токму на тие тивки симптоми.”
-
Како се поставува дијагнозата на Паркинсонова болест? Дали постои некаков биомаркер или тест што го олеснува дијагностицирањето?
– „Дијагнозата се поставува со добро земена анамнеза, комплетен невролошки преглед и невроимеџинг методи како компјутеризирана томографија и магнетна резонанца.
Биомаркер кој може да помогне во дијагнозата е експресијата на wild type алфа-синуклеин, кој е супстрат за аутофагија во субстанција нигра. Митохондријалната дисфункција и оксидативниот стрес, исто така се значајни фактори во појавата на болеста, додека пак генетската мутација G2019S на леуцин киназата се смета за причина кај 30% од случаите со Паркинсонова болест.“
- Колку е важна раната дијагноза за квалитетот на живот на пациентот?
-“Раната дијагноза е важна за побрзо воведување на соодветна антипаркисонична терапија кои овозможува успорување на невродегенеративниот процес на пропаѓање на допаминските неврони во базалните ганглии. Став е дека во премоторната фаза се препишуваат невропротективни лекови за презервираните неурони. Тоа е фаза кога лезиите се минимални , а целта е да се спречи еволуцијата на болеста и развојот на инвалидност . Кога моторниот синдром станува евидентен потребно е да се започне со супституциона терапија.
Се’ уште се потребни понатамошни опсервации и податоци дали е неопходно рано да се почне со терапија, бидејќи останува проблемот со тн нескани , индуцирани симптоми од лекот. Како почетна треапија се препорачуваат допамински агонисти со подолг полуживот.”
-
Кои се современите стандардни терапевтски пристапи во третманот на Паркинсонова болест и кои се алтернативните методи – вклучувајќи хируршки интервенции, рехабилитациски стратегии?
-„Современите терапевтски пристапи за третман на Паркинсонова болест се поделени на медикаментозни, хируршки, рехабилитациски и алтернативни методи.
Главната цел на медикаментозната терапија е да се надомести или модулира дефицитот на допамин во мозокот.
Леводопа останува најефикасен лек за ублажување на моторните симптоми.
Длабоката мозочна стимулација се користи кај пациенти со флуктуации на симптомите или тешки дискинезии.
Рехабилитацијата вклучува физикална, окупациона, логопедска и психолошка поддршка, со цел подобрување на квалитетот на животот.
Алтернативни методи како јога, таи чи, музикотерапија и суплементи може да имаат дополнително позитивно влијание кај некои пациенти.“
- Дали постоечките лекови влијаат на прогресот на болеста или само обезбедуваат симптоматско олеснување?
-„Постоечките лекови за Паркинсонова болест главно обезбедуваат симптоматско олеснување, но не ја запираат ниту значително ја забавуваат прогресијата на болеста. Леводопа, допамински агонисти, МАО-Б и COMT инхибитори ги ублажуваат моторните симптоми, но не го менуваат патолошкиот процес. Досега нема одобрен лек со докажано модифицирачко дејство што го успорува напредувањето на болеста.
Во тек се клинички студии за терапии кои имаат за цел заштита или обнова на допаминските неврони, но тие сè уште не се стандардна клиничка пракса.
-
Каде оди науката во поглед на Паркинсоновата болест?
- Каде оди науката? Постојат ли надежни истражувања за лекување?
-„Науката интензивно работи на пронаоѓање на терапии кои не само што ги ублажуваат симптомите, туку и целат кон лекување или забавување на Паркинсоновата болест. Иако излекување сè уште не постои, постојат надежни правци на истражување кои ветуваат многу.
Истражувањата се фокусираат на антитела и вакцини против алфа-синуклеин, генска терапија и клеточна регенерација со матични клетки. Се испитуваат неуропротективни молекули и нови терапии кои го таргетираат микробиомот, со идеја дека Паркинсон можеби започнува во дигестивниот систем.“
- Дали сме на прагот на нова ера во третманот на Паркинсоновата болест – како напредокот во невронауката, генетиката и вештачката интелигенција го трансформираат начинот на кој ја разбираме и третираме оваа состојба?
– „Да, може со право да се каже дека сме на прагот на нова ера во третманот на Паркинсоновата болест. Напредокот во невронауката, генетиката и вештачката интелигенција не само што го продлабочува нашето разбирање за болеста, туку отвора нови можности за индивидуализиран и прецизен третман. Нови неуроимиџинг техники и биомаркери овозможуваат попрецизна дијагноза и следење на прогресијата.
AI алгоритми анализираат податоци од движење, говор и биомаркери – носејќи револуција во раната дијагноза.“
-
Како стоиме како држава/регион со поддршка и нега за лица со Паркинсон?-“
Состојбата со поддршката и негата за лица со Паркинсонова болест во Северна Македонија има одредени позитивни елементи, но истовремено се соочува со сериозни предизвици во здравствениот, социјалниот и системскиот домен.
Достапни се стандарден сет лекови (леводопа, допамински агонисти) преку позитивната листа на ФЗОМ. Рехабилитацијата (физикална, логопедска, окупациона) е достапна во ограничена мера, најчесто во приватни центри или преку специјализирани установи како Заводот за рехабилитација.
Нема централизирана или унифицирана програма за долгорочна рехабилитација за лица со Паркинсон.
Постојат пациентски здруженија кои организираат настани, подигање на свесност и меѓусебна поддршка.
Северна Македонија има основна структура за третман на Паркинсонова болест, но потребна е сеопфатна реформа и поддршка за да се обезбеди квалитетна и континуирана нега. Соработката помеѓу здравствениот систем, пациентските организации и државните институции може значително да го подобри квалитетот на живот на овие лица.”
-
Која е највпечатливата приказна од пациент со Паркинсон што ви останала во сеќавање?
-“Пациент дијагностициран со Паркинсонова болест на 42 години. Бил активен планинар и наставник по физичко образование кога забележал дека почнува да му се тресе левата рака, особено кога е во состојба на мир. Во следните неколку години симптомите се влошиле — му станало тешко да оди по скали, да пишува, а треморот му пречел дури и при држење прибор за јадење. Стандардната медикаментозна терапија со леводопа пружи олеснување, но ефектот бил краткотраен, со појава на т.н. „on-off“ фази.
- Пациентот беше испратен на консултација, каде беше потврдена неговата погодност за длабока мозочна стимулација (DBS). По извршените подготовки, беше опериран во соработка со тим од странство, во рамки на програма за напреден третман на Паркинсон.
Веднаш по активацијата на DBS уредот, треморот речиси целосно исчезна. Повторно почнал да вежба умерено, да оди на прошетки со сопругата и да предава, со прилагодено темпо.
Оваа приказна е доказ дека и во Македонија, со соодветна проценка и пристап до хируршки третман, може да се постигне висок квалитет на живот.”
Можеби ќе ве интересира