
“Безбедноста и здравјето при работа не се луксуз, туку животна потреба”, вели д-р Горан Андонов, специјалист по медицина на труд, во интервју за нашиот медиум во пресрет на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.
Тој предупредува дека ризици постојат на секое работно место, без разлика дали работите во канцеларија или на градилиште.
„Медицината на трудот има задача да го сочува здравјето и работната способност на вработените преку проценка на ризиците, превенција на повредите и редовни медицински прегледи,“ објаснува д-р Андонов. Според него, современото работно место крие бројни закани: од прашина, гасови, стрес и нефизиолошка положба, до работа со електрична енергија или на лизгави и нестабилни површини.
Европски стандарди на хартија, но што е со реалноста?
Иако македонското законодавство ги има вградено европските стандарди за безбедност при работа, состојбата на теренот е различна.
„Имаме добри закони, но спроведувањето секогаш е предизвик. Без постојана контрола и ангажман, прописите остануваат само букви на хартија,“ посочува тој.
Особено важна е улогата на работодавачите кои, според Андонов, треба да инвестираат во:
• Колективна заштита преку вентилација, автоматизација и супституција на штетните материи.
• Лична заштитна опрема за работниците.
• Редовни здравствени прегледи и едукација.
„Најдобрите работодавачи не ги гледаат превентивните прегледи само како законска обврска, туку како вистинска грижа за своите луѓе,“ нагласува докторот.
Иако има позитивни примери, често се случува работниците сами да ја саботираат сопствената безбедност.
„Не ретко гледаме дека работодавачите вложуваат во најмодерна заштитна опрема, но дел од вработените одбиваат да ја користат. Мораме постојано да ги едуцираме дека тие се првиот бран на одбрана за сопственото здравје,“ апелира д-р Андонов.
За работни места со зголемен ризик, превентивни прегледи се прават еднаш годишно, а за останатите – на секои две години.
„Ризикот се утврдува со детална анализа и проценка, и тоа е процес кој бара сериозен пристап и посветеност,“ потенцира докторот.
Д-р Андонов ја руши илузијата дека постојат безбедни работни места.
„Не постои работно место без ризик. Дури и најбезбедната канцеларија може да стане опасна ако не се почитуваат правилата за работа,“ вели тој.
Како најризични професии ги наведува радиолозите, рентген техничарите, градежните работници, рударите, електричарите и сите што работат со опасни хемиски материи.
Спроведувањето на мерките не е еднократна задача. „Тоа е динамичен процес кој бара постојано набљудување и корекција. Само така може да се обезбеди вистинска заштита,“ заклучува д-р Горан Андонов.