ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
09.11.2026
Д-р Мирела Василева: „Медицината не признава површност“

Од студентските клупи до универзитетската катедра, од болничките ходници до хуманитарните активности–приказна за медицината, мајчинството и вредностите што остануваат зад нас.

Д-р Мирела Василева од Штип е специјалист дерматолог, раководител на Одделението за дерматологија при Клиничка болница Штип, универзитетски професор и основач на хуманитарното здружение „Д-р Симон Василев“.

Зад професионалните обврски стои и една поинаква, лична приказна – за љубовта кон медицината, посветеноста на младите, мајчинството и желбата добрината да продолжи да живее и низ идните генерации.

Во разговор за Гоце.мк, д-р Василева зборува за својот пат, животните предизвици и она што го смета за вистински успех.

1. Од студентските клупи до универзитетската катедра. Дали отсекогаш знаевте дека медицината ќе биде Вашиот животен избор?

Отсекогаш знаев дека сакам да бидам доктор. Медицината за мене никогаш не била само професија, туку љубов што ја носам уште од најраните години.

Медицината никогаш не ми била само професија

Интересно е што никогаш не планирав да станам дерматолог. Таа љубов се роди сосема спонтано, за време на студентската пракса, токму на одделението на кое денес работам.
Професионалниот пат го започнав како матичен лекар, а потоа следуваа специјализацијата, научната и академската работа.
Бев амбициозна и посветена студентка. Во текот на студирањето и специјализацијата бев добитник на стипендии, признанија и награди, меѓу кои и од меѓународен карактер. Сето тоа ми беше поттик да продолжам да учам и да се усовршувам.
Денес, кога сум од другата страна на универзитетската катедра, особено ми е драго што имам можност своето знаење и искуство да им ги пренесувам на младите.

2. Каков професор сте? Строг или попустлив кога станува збор за студентите?
Строга сум, морам да признаам!
Но, мислам дека студентите знаат дека зад таа строгост стои искрена желба да научат што повеќе. Медицината не дозволува површност, бидејќи еден ден зад секоја нивна одлука ќе стои нечие здравје.
Кога ќе препознаам потенцијал, љубопитност и вистинска желба за учење, се трудам максимално да помогнам. Им овозможувам практична работа, ги поддржувам преку менторства на научни и дипломски трудови, препораки и професионални совети.
Со многумина од нив и по дипломирањето остануваме во пријателски и колегијални односи.
Искрено се радувам на нивните успеси. Убаво е чувството кога знаете дека сте помогнале некој млад човек да го пронајде својот професионален пат.

3. Основач сте на хуманитарното здружение „Д-р Симон Василев“, кое веќе пет години активно помага. Која е приказната зад неговото основање?
Тоа е една многу лична приказна.
По смртта на мојот сопруг, д-р Симон Василев, кој беше хирург, сакав да создадам нешто што ќе го носи неговото име и ќе ги продолжи вредностите според кои тој живееше.

Здружението „Д-р Симон Василев“ – поддршка за студенти по медицина

Симон беше исклучително посветен лекар, човечен, харизматичен и омилен меѓу пациентите. Нашите деца беа многу мали кога го загубија својот татко и сакав еден ден да можат да го запознаат и преку добрите дела што ќе продолжат да се прават во негово име.
Така се роди здружението, кое веќе пет години континуирано обезбедува помош и поддршка за студенти по медицина од социјално загрозени семејства, студенти без родители или со еден родител, но и за други ранливи категории граѓани и луѓе на кои им е потребна помош.
Хуманоста отсекогаш била дел од мојот живот. Никогаш не сум сметала дека да помогнеш некому е нешто извонредно. За мене тоа е најприродната човечка постапка.
А здружението има и една посебна вредност – преку него моите деца ќе можат да видат колку добрина и човечност носел нивниот татко.
Сакав неговото име да остане поврзано со она по што и самиот беше препознатлив – помагањето на луѓето.


4. Вие сте и мајка на две момчиња. Како успевате да ги усогласите професионалните обврски со мајчинството?
Не секогаш совршено, и не се обидувам да оставам таков впечаток.
Има денови кога обврските се многубројни, времето е кратко, а јас би сакала денот да има барем уште неколку часа.
Но, моите деца се мојата најголема љубов, мотивација и сила. Тие ме потсетуваат што е навистина важно во животот.
Најважно ми е да пораснат во луѓе кои ќе знаат да сакаат, да почитуваат и да подадат рака кога некому му е потребна. Тоа се вредностите што сакам да ги понесат од нашиот дом

Не можеме секогаш да избереме што ќе ни се случи, но можеме да избереме како ќе продолжиме понатаму

5. Со толку различни професионални и лични улоги, што Ве движи напред и од каде ја црпите енергијата за нови предизвици?
Мислам дека по природа сум човек кој не сака да стои во место. Сакам да создавам, да учам, да започнувам нови работи и особено ме радува кога некоја идеја ќе стане реалност.
Секако, животот ме научил и на истрајност. Имало тешки моменти, но никогаш не сум сакала тие да ме дефинираат.
Верувам дека силата не значи отсуство на страв, болка или ранливост. Понекогаш силата е едноставно одлуката да продолжиш, да ја зачуваш љубовта кон животот и да не дозволиш тешките искуства да ти ја променат човечноста.
Не можеме секогаш да избереме што ќе ни се случи, но можеме да избереме како ќе продолжиме понатаму.

 

6. Многу млади лекари размислуваат за својата иднина надвор од Македонија. Каков совет би им дале на студентите кои се на почетокот од својот професионален пат?
Ги разбирам младите кои бараат нови искуства и професионално усовршување. И самата верувам дека знаењето нема граници и дека секое искуство стекнато надвор од нашата земја може да биде драгоцено.
Но, истовремено верувам дека и Македонија има потреба од нивното знаење, енергија и идеи. Би сакала што повеќе млади луѓе да ја препознаат можноста својата иднина да ја градат тука, да придонесуваат за развојот на нашето здравство и да бидат дел од промените што сите сакаме да ги видиме.
Верувам дека вреди да се вложува во местото од кое потекнуваме.

Медицината не дозволува површност, бидејќи еден ден зад ваша одлука ќе стои нечие здравје

7. Кога ќе го оставите белиот мантил и професорските обврски, која е Мирела Василева?
Пред сè, мајка. А потоа една сосема обична жена која го сака животот, луѓето, смеата, патувањата и убавите моменти со семејството и пријателите.
Енергична сум, упорна, понекогаш тврдоглава, но и многу емотивна, иако можеби не секогаш така изгледам однадвор.
Сакам искрени луѓе, добар разговор, спонтаност и нови предизвици. Сакам да создавам спомени и да се радувам на малите нешта.
Мислам дека животот е премногу краток за да го поминеме само исполнувајќи обврски и очекувања.
Важно е понекогаш едноставно да застанеме и да уживаме во она што го имаме.

 

8. Ако денес можевте да ѝ кажете нешто на младата Мирела од студентските денови, што би ѝ порачале?
Би ѝ кажала нешто што денес го разбирам многу подобро отколку тогаш:
Најголемите животни достигнувања не се секогаш оние што ќе ги запишеме во биографијата. Некои од нив остануваат запишани во срцата на луѓето

Еднакво образование за сите – европскиот предизвик е и македонска реалност
(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста