ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
18.11.2021
Д–р Стојменов: „Ништо што е посебно и вредно не е создадено за краток период“

Денес, наш гостин е кардиологот Александар Стојменов, којшто сите го познаваме по неговите совети за медицина и фитнес кои ги дава на социјалните мрежи.

Љубовта кон медицината ја носи во гените, со оглед на тоа што неговата прабаба била првиот педијатар во Штип. Предизвикот да изгради тело како неговите омилени суперхерои, кои ги гледал како дете, е остварен денеска. Ајде да го запознаеме подобро.

Д-р. Александар Стојменов

Младите Ве познаваат како доктор кој дава и совети за здрав и балансиран начин на живот. Како успеа да ги споиш овие две професии?

„Сакам да функционирам по план, па учењето, планирањето на време и оброци и студирањето добро ми одеа. А, секако и во фитнесот има многу медицина, па кај мене овие две работи се надополнуваат…“ – вели Александар.

Профилот на Александар е отворен и многу често неговите следбеници знаат да му побараат совети. За што најчесто Ве прашуваат?

„На социјалните мрежи најчесто бараат совети за слабеење, суплименти, исхрана, а низ градот повеќе ме прашуваат за здраствени совети. Можеби причината што ги среќавам пациентите низ градот е тоа што не излегувам низ ноќните клубови“, низ насмевка одговори Александар.

На неговиот профил можат да се најдат видеа полни со интересни совети, од фитнес па се до совети поврзани со начинот на живот.

Да се направи совршено тело треба време, напорен тренинг и најмногу од се’ преголема желба. Александар вели дека никогаш не зажалил за ниту еден пропуштен оброк, настан, забава… Секогаш се водел дека приоритет е „големата слика“.

„Мојата филозофија е дека повеќе уживам во обликување на телото 24 часа, отколку во вкусот на чоколадата кое трае 5 минути.“

Колку време е потребно на човечкото тело да се навикне на здрав начин на исхрана?

„Човечкото тело е создадено за здрав начин на живот, а е навикнато на „модерен“ кој и не е толку здрав. Ќе си се врати во природен баланс за брзо, штом почнеме да му го даваме тоа што навистина му е потребно. Секако, и повремен нездрав оброк не е на штета тогаш.“

Кога последно сте јаделе торта? А еклер?

Низ насмевка.. „Не памтам за еклер, а торта сум јадел веројатно за мојот роденден. Секако тоа е еднаш до двапати годишно максимум…“

Покрај редовните тренинзи, секогаш е потребна и протеинска поддршка. Александар ни откри дека користи протеински и амино киселински додатоци, а знае да земе и нешто кофеинско ако се чувствува изморено. Во моментот заздравува од операција на скинат мускул, па користи и колаген.

Зборувавме и за тоа колку балансираните оброци се важни, па  д–р Стојменов ни препорачува внес на квалитетни и здрави калории и излез на енергијата преку редовна физичка активност, макар и кратка.

Мотивот на Александар за успешен ден е: „Никогаш не постои нешто невозможно.“

„Ништо што е посебно и вредно не е создадено за краток период. Да беше така, сите ќе беа фитнес модели и профи – спортисти.“ – е препораката која дава доктор Стојменов, за сите оние кои се откажуваат после првите воспалувања од теретана.

Д–р Александар Стојменов е човек кој што ни покажува дека сонот од деца може да стане јаве. Како мал уживал да лови и да чува гуштери, а пораснал со супер хероите и отсекогаш посакувал да има тело какво што имаат тие и ете, сонот станал реалност. Покрај тоа што го остварил тоа што го посакувал, тој е овде за да помогне и да даде совет, мотивација и поддршка на секој кој што има потреба од тоа.

Судбината на штипската болница ќе се знае во октомври/ноември – министерството подготвува документација
Локалните радиостаници во Македонија пред голем предизвик