
И благодариме на Фиданка Трајкова за споделениот текст кој ќе оди во серијалот да ја спознаеме Македонија преку негувањето на дијалектите. Денес сме во Струмица….
Ми се јавува Лејди Ди да напишам нешто на струмички. Ајде да напишам ама за шо да пишам. Струмички прикаски ного, може „од Морава до Дунава“ да се размаабетисам – за пузнатио струмички ноќен живот, ама нешто и он умре од таа пуста курона или за пузнати човеци, ама тогај мора и пулитачаре да расправаме, а тава не бива. А за карневало? Ајде бива за карневало, без разлика шо последните две години нема баш карневал, ама па има ного зборове поврзани со карневало шо ги нема у други места. Исто како шо карневало таков каков шо е, само у Струмица се дешава.

Значи карневало у Струмица – голема и важна случка шо се чека цела година. Ќе го раскажам така ка си беше уригинал, оти как шо сичко кај нас се мене, така пред неколко гудини извртее го и карневало. Веќе не е у вторник как шо си е по правилото, туку у сабота. Ама ај да не расправам ного на длго и широко.
Карневало се одржува првата недеља ка почнуват постите за Велиден, у вторник после Прочка или вторнико после Чист понделник, а пред Тримери у среда. У ствари, карневало е врзан за празнико на арамсаните шо е у среда и се вика Тримери. Тримери значи „три дена“ оти армасницата посте на леб и вода три дена, од понеделник до среда. Тава така вика прикаската, саа у ново време, кој посте посте, кој не, па си е армасан. Тримери слават тии шо се армасани меѓу двата Тримери, ланскио и вајгодишнио.

У недеља има детски карневал. Децата се праат карневаље и излеват на плоштадо и там има нешто как дефиле, малечки и големи деца, организирани од школи, родители, баби, дедовци, и така натам. Ама тава е од поново време. Порано, ка немаше такви моди и натпревар кој поскапа и поодалеко маска ќе купе, децата се убљечуваа у било шо од дома, момичките главно у невестински фустане од мајките, машките, кој некоо капа, кој некој чорап на главата и се шеташе по роднини да се соберат парички. Викааме „Ај одаме да играаме карневаље!“.

Понеделник штама, нема ништо освен бел фасуљ на плоштадо или у некоо позната кафана, зависи кој локален чорбаџија шо си таксал и шо си замисљил. И зависи дали нема курона, има курона.
Е у вторник е дешафката. Сите напраани карневале, у дуќане, по кафиче, по школи. Идат карневалџиски госте од други градове и држави, оти карневало ни е член на Светската асоцијација на карневали и има разни госте од сегде. Вечерта има голема поворка од разни карневаџиски групи шо минуват низ главнио булевар, имат настап на плоштадо и после одат по кафиче и там се забавуват со сите други госте. Журките траат до сабајле и следнио ден е помор низ градо, оти сите мамурлии. За официјалните учесници у карневало има разни награди ама тава е после некој ден од карневало и ного често стануват кавги – ние сме поарни, не вие не сте поарни. Оти има неколку карневалски групи у градо и они војна водат шо побаш да се напраат секоо година.

Е саа, уствари тава шо е причиинта за карневало – Тримери е у среда. Тримери е женски празник. Од кај армаснико собират се само жени и на чело со свекрвата и синија со бакшиже за армсницата одат кај сваќата на госте. Кај армасницата има спремно посни јаденици: сарма со урее, зерде, алва, боза, партокале, ушаф, леблебија со суу грозде. И кај армасницата се соберени само жени. По старски, Тримери е упатуване на армасницата у брачнио живот и затава се кажуват мрсни вицове и се пеет мрсни песни за армасницата да разбере шо га чека и шо треба да праве у брако. Порано имаше жени у градо шо ги викаа специјално да кажуват мрсни вицове и праваа илинџе. Оти и за илинџе треба да те бива.
Изворно и традиционално, карневало и Тримери имат еротска цел и содржина, ама тава у поново време нема значение оти на сите сичко им е јасно.
Ак се опрааме со куроонта 2022, мош после две години па ќе имаме карневал как шо треба. Ама до тогај, здрааве и живот.