ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
01.03.2022
Да се штеди или да се инвестира?

Понекогаш сигурно сте се запрашале што е подобро, да се штеди или да се инвестира? Ако бидеме искрени, како студенти штедењето баш многу не ни оди од рака. Но неколку совети околу штедењето и инвестирањето нема да бидат на одмет нели?

Ајде, да видиме кои се разликите, па вие ќе одлучите која е најдобрата опција.

Зошто да штедам во банка?

Штедењето во банка најчесто го правиме со штедна книшка, каде што ги „заробуваме“ парите на одреден временски период и за тоа добиваме камата. Позитивната страна е тоа што имаме онлајн пристап во сметката во секое време и немаме ризик од грабеж, ама пак многу често младите не се одлучуваат на вакво штедење затоа што процентот на каматата е многу мал.

Андреј Стојановиќ

Андреј Стојановиќ, студент на Економски факултет, вели:

„Една од поглавните причини зошто парите треба да ги штедите во банка е заради фактот дека парите не ви се безбедни дома. Да не го спомнуваме ризикот од пожар, грабеж, поплава… Со тоа што ќе ги ставите парите во банка, ја осигурувате вашата иднина, а доколку ги орочите на подолг временски период, тоа е уште подобро за вашите парични средства. Банките нудат најразлични штедења со многу можности, па вие ќе одлучите кога ќе ги повлечете вашите пари. Факт е дека што поголем период ги чувате парите во банка, толку повеќе каматата ќе работи во ваша полза. Доколку не сакате ризици и сметате дека инвестирањето не е за вас, тогаш банките се сигурен кандидат за безбедно чување на вашите парични средства. Ако сте неутрални на ризик или сакате да ризикувате, тогаш инвестирајте и штедете во инвестициски фонд.“

Подобро ли е да штедам во инвестициски фонд?

На ова прашање ќе ни одговори Катерина Александрова, која има свој бизнис и штеди во инвестиционен фонд. Таа вели дека по многу истражувања на пазарот и првенствено штедење во банка, сфатила дека инвестицискиот фонд е подобро место за штедење.

„Каматните стапки во банките скоро секаде се околу 0.5%,  што ни кажува дека и да поминете многу време штедејќи, на целиот износ ќе добиете многу малку камата.  Наспроти ова, во инвестицискиот фонд каматите се повисоки и тоа од 7 – 10%. Бидејќи станува збор за инвестирање во акции, можностите за различен вид на штедење или заработка се повеќебројни. Предноста е тоа што, иако секогаш инвестициските фондови препорачуваат да се штеди на подолг период сепак, може да ги повлечете вашите пари одеднаш, а притоа да не ја загубите тековната заработена камата. Дури и кога се јавува финансиска криза, нема простор за паника. Каматата на парите кои се заштедени не паѓа под 4%, па ако ја погледнеме кривата на заработка на инвестицискиот фонд, секогаш е во плус, па дури и кога има падови.“

Катерина Александрова

А, инвестирање во бизнис? 

На анкетата направена на нашиот Инстаграм профил „Гоце.мк“, 70% се изјаснија дека подобро е да инвестираат наместо да штедат. Инвестирањето е ризик кој што можеби нема да ви се исплати, ама за тоа подобро ќе ни каже Кирил Ѓуров, кој што на своите 22 години има свој развиен бизнис со 3Д технологија.

Кирил Ѓуров


Крипто – манијата ги обзема и младите во Македонија – што треба да знаете за „копањето“ и тргувањето?


„Главната причина беше „раното пензионирање.“ Во периодот од 20 до 30 години треба да знаеш како да излезеш од комфорт зоната, да работиш напорно, да оствариш повеќе финансиски примања и никогаш да не се откажеш од она нешто без кое не можеш да поминеш ни ден, а да не помислиш на него. Не повеќе од две години, инвестирање во мене со едукација и активно применување, инвестирање во дигитални средства, спиење по 4 до 5 часа, заборав на ноќниот живот кој може да биде многу влијателен за да не се успее во целта, успеав да достигнам ниво за кое што само ќе сонував ако штедев. Кога почна да се исплаќа целата напорна работа сфатив дека само со инвестирање може да се успее и да се живее онака како сакаш, а не како треба, додека со штедењето во ова дигитално време, шансите за стоење во место се големи. Тука ќе завршам, бидејќи ако почнам подетално да зборувам, ќе може да напишеме цела книга.(се смее).“

Кирил вели дека ова е најдобрата ризична одлука која ја направил во својот живот.

Тројца млади и успешни личности ни го раскажаа накратко своето гледиште во врска со штедењето или инвестирањето. Пред да се одлучите што да направите, прочитајте ги клучните разлики меѓу штедењето и инвестирањето.

Одлуката останува на вас.

проф. д-р Ивица Смоковски: Дијабетесот е пандемија со многу засегнати лица
Воздухот значително загаден и во градинките и школите