ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
09.07.2024
Дали Еразмус е само за забава и патување или нуди академска вредност?

Се повеќе е популарна Еразмус плус програмата за мобилности за пракса и студии меѓу студентите. Преку оваа програма, студентите имаат можност да поминат шест месеци студирајќи на универзитет во европските држави. Едно такво искуство во Познан, Полска ни пренесува и студентката Снежана Јованова на студиската програма Општа медицина на УГД, која ги искористи еразмус плус мобилностите за студии.

Снежана Јованова

Снежана своите студии во текот на летниот семестар од четвртата академска година ги помина на Познан Универзитетот за медицински науки. Изборот го направила не само поради најсовремените наставни методи, туку и поради богатата култура на градот.

„Истражувајќи ги универзитетите кои беа дел од понудената листа, PUMS (Poznan University of Medical Sciences) се издвојуваше како факултет кој има современи наставни методи и нуди врвно медицинско образование, исто така нуди пристап до најсовремени лаборатории, центри за симулација и болници кои сметам дека можат да влијаат на усовршување на моето практично знаење. Исто така, Познан е опишан и како живописен и историски град кој  сметам дека нуди богато културно искуство и можност за учење во различна, меѓународна средина.“, вели Снежана.

Студентката го опишува своето искуство како најдобрата одлука што ја направила. Учеството во Еразмус плус програмата дава шанса за стекнување многу пријателства на меѓународно ниво, но и создава глобална перспектива што ги прави студентите поотворени кон различни гледишта.

Иако, повеќето студенти го сметаат Еразмус плус искуството како можност за „одмор“ или „летување“, сепак тоа во пракса не е така. Самата програма си носи свои предизвици и рангирање на студентите кои ќе ја искористат.

„Еден од најголемите митови поврзани со Еразмус размената е дека таа е само за забава и патувања, без вистинска академска вредност. Всушност, Еразмус програмата нуди високо квалитетно образование во престижни универзитети низ Европа, што им помага на студентите да стекнат значајни академски и професионални вештини. Како предизвик со кој се соочив јас, беше административната страна кон целата програма бидејќи ова беше прв пат да аплицирам,па затоа документацијата на почетокот ја гледав како предизивик. Потребни се многу документи за апликација како за самата програма, така и за универзитетот на кој аплицирам , па самото тоа одземаше голем дел од моето време.“, вели Снежана.

Студирањето во европските држави носи и соочување со друг систем на образование, кој е поразличен од нашиот.

„Разликата меѓу системите е во нивната структура, особено во распоредот на предметите. Како на пример, кај нас во еден семестар во исто време слушаме предавања по седум или осум предмети, што не претставува случај во Познан. Таму секој предмет поединечно се слуша во текот на неколку недели каде предавањата и практичната настава се одвиваат само по тој одреден предмет. Потоа полагаме испит и преминуваме на следниот предмет.“, вели Снежана.

Таа им препорачува на сите студенти да ја искористат оваа можност која се нуди преку Еразмус плус програмата и да бидат дел од неа. На тој начин тие би можеле да го зголемат својот личен, професионален и културен хоризонт, што би ги подготвил за успешна кариера.

Без филозофија ризикуваме да создадеме генерација без аналитичко расудување
Д-р. Јовева: “На прагот сме на нова ера во третманот на Паркинсонова болест”