ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
03.06.2026
Дали модернизацијата на студентските домови ќе го „олесни“ џебот на студентите?
Автор: Goce Author

Измените на Законот за студентски стандард предизвикаа сериозна дебата меѓу надлежните и студентските претставници. Додека Министерството за образование и наука (МОН) ветува модерни домови, Универзитетското студентско собрание при УКИМ (УСС УКИМ) испрати јасна порака: „Студентите не бараат луксуз, бараат функционалност, но реформите не смеат да бидат финансиски товар за студентите!“

Од „апокалипса“ до европски стандарди: Што ветува МОН?

Долгогодишната реалност во македонските студентски домови е добро позната на секој што поминал барем еден семестар таму – ладни соби, распаднати тоалети, дотраени инсталации и услови кои студентскиот стандард го доведоа на раб на егзистенција.

Фото: УСС УКИМ

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави дека на оваа реалност ѝ доаѓа крајот. Според нејзините најави:

  • Од 1 октомври студентите ќе бидат сместени во веќе реконструираните домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“.
  • Најдоцна до септември се очекува да започне комплетна реконструкција и реновирање на сите останати домови во државата.
  • Ветувањето: Модерни европски стандарди, соодветна храна, функционални лифтови, постојано топла вода и дефинитивен крај за инсектите.

Анализа на УСС УКИМ: Каде е проблемот на новиот предлог-закон?

Студентските претставници ја поздравуваат иницијативата за модернизација, но по деталната компаративна анализа меѓу стариот закон и новите предлози, тие алармираат за неколку клучни точки каде студентскиот интерес може да биде загрозен.

Фото: УСС УКИМ

  1. Категоризација и ценовен шок (Тип 1 наспроти Тип 2)

Новиот закон воведува два типа на домови: Тип 1 (енергетски ефикасен и реконструиран дом) и Тип 2 (постоечки, нереновиран дом) .

  • Проблемот: Во стариот закон, државата партиципираше со до 50% од цената за сместување и исхрана. Со новите измени, за реконструираните домови (Тип 1) државата ќе покрива само до 40%, додека за Тип 2 останува до 50% .
  • Последица: Студентите што ќе добијат место во модерните домови ќе плаќаат потенцијално поголема разлика, што значи дека реновирањето, според УСС, директно ќе удри по студентскиот џеб.
  1. Финансиска поддршка во вонредни услови – избришана

Што ако домот се затвори поради реконструкција?

  • Стар закон: Постоеја одредби за финансиска поддршка до 6.000 денари месечно за приватно сместување или превоз доколку домот не може да обезбеди кревет .
  • Нов предлог: Овие ставови се бришат. Новиот модел само вели дека домот „може да организира привремено сместување“, без јасни директни гаранции за студентот. УСС УКИМ бара јасна законска обврска – државата мора да обезбеди алтернатива или компензација, а не студентите сами да бараат станови по пазарни цени.

Фото: УСС УКИМ

  1. Менаџирање и студентски глас

Студентите бараат директорите на домовите да не се бираат само врз основа на јазични сертификати (како што предвидува новиот предлог), туку да покажат отчетност, редовна комуникација и транспарентно трошење на парите . Исто така, се бара силен студентски глас преку претставници во комисиите за категоризација и надзор .

Клучните 5 прашања до МОН

Преку својата официјална реакција, УСС УКИМ јавно поставува пет прашања на кои надлежните мора да одговорат пред да се донесе законот:

  1. Како точно ќе се пресметува партиципацијата за студентите во реконструираните и нереконструираните домови?
  2. Дали ќе има механизам со кој ќе се спречи дополнително финансиско оптоварување за студентите?
  3. Што ќе се случува со студентите додека нивниот дом е во процес на реконструкција?
  4. Кои минимални услови мора да ги исполнува секој студентски дом, без разлика на типот?
  5. Кој е крајниот рок за реконструкција на сите домови за да се постигне достоинствен стандард?

„Студентскиот стандард не е само законска категорија и ПДФ на веб-страница. Тој е реален живот: топла соба, чист тоалет, нормален оброк, безбедност и одговор кога ќе пријавиш проблем.“ – децидни се од УСС УКИМ .

Почнува полагањето државна матура
Електричните тротинети не се играчка