ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
05.04.2022
Дали студентите ќе се вратат во амфитеатрите?

По двегодишното следење настава од дома, Владата смета дека е редно студентите да се вратат во амфитеатрите.

Според новата мерка, надлежните препорача да се започне настава со физичко присуство, секако со почитување на препорачаните мерки за заштита. Дали Универзитетите се спремни да ја усвоат оваа мерка и дали навистина има услови за настава со физичко присуство? Овие дилеми пробаа да ни ги разрешат проректорите за настава на трите најголеми Универзитети во Македонија.

Универзитетот “Гоце Делчев”- Штип продолжува со хибридна настава

“Универзитетот и пред препораките на Владата почна да се подготвува за враќање во предавалните. Априлска сесија е најавена со препораки за спроведување на истата сo физичко присуство, се спроведува колоквиумска недела со физичко присуство на факултетите со помали групи на студенти, а се планира и спроведување на Јунска сесија во иста насока. Сето ова е еден прв чекор кон враќање на наставата во предавалните во наредниот семестар. Ова дава доволен период и за студентите да се прилагодат кон враќањето во Штип и обезбедувањето на сместување пред почетокот на семестарот.”, вели проректорот за настава на УГД, проф. д-р Мишко Џидров.

Проректорот смирува дека студентите на време ќе бидат известени за сите одлуки во врска со одржувањето на предавањата и вежбите. Според него нема простор за паника во врска со организацијата за сместување на студентите како нивен најголем проблем бидејќи за Ректорската управа студентите се секогаш на прво место. Ќе го промени ли пандемијата високото образование?

На Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола се спремни да ги пречекаат студентите во предавалните

“Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола започнува со настава со физичко присуство со почитување на препорачаните мерки за превенција од коронавирус КОВИД-19, задолжително носење заштитни маски во затворен простор, одржување на физичко растојание, зачестена хигиена на рацете со задолжителна дезинфекција пред влезовите во предавалните, амфитеатрите, вежбалните, односно негрупирање и често проветрување на затворените простории.Според студентската анкетата од почетокот на академската година во врска со прашањето за имунизација, 68 % од студентите одговориле дека се вакцинирани и имаат статус на имунолошка покриеност што говори во прилог на солидна епидемиолошка слика.”, известува проректорот за настава на УКЛО, проф. д-р Љупче Кочоски

УКЛО повикува и на изготвување на нови курикулуми за своите студиски програми, за вклучување на можноста за изведување на online настава, за поголема флексибилност во иднина во однос на некои нови непредвидени ситуации.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” –Скопје најавува настава со физичко присуство од октомври

Иако нема официјано соопштение од страна на Универзитетот, сепак студентите беа известени од Ректорската управа преку соодветните Факултетски студентски Собранија во врска со начинот на одвивање на настава. Според одговорните органи, студентите ќе продолжат да посетуваат настава online до крајот на овој семестар, а враќање во предавалните се очекува со почетокот на наредниот семестар односно од октомври. Сепак, професорите на УКИМ ја имаат можноста да ги повикаат студентите за полагање испити или колоквиуми со физичко присуство во зависност од договорот и потребата.

Универзитетите се согласни дека студентите полека треба да се пoдготвуваат за враќање во предавалните и повторно воспоставување на студентскиот живот во нормала.

Здравствени политики за сите
Институционалното насилство врз трансродовите лица сериозен проблем