
Дамјан Давков, или како што медиумите го нарекуваат „штипскиот Питагора“ , на Математичката Олимпијада која се одржа пред десетина дена во Норвешка, освои едно од двете сребра за Македонија.

Дамјан Давков
Штипскиот талент Дамјан веќе неколку години го привлекува вниманието со своите математички успеси. Речиси и да нема некоја награда или натпревар по математика кои не ги освоил. Постигнува резултати и во конкуренција со повозрасни натпреварувачи од себе, што е потврда за неговиот математички талент. Иако , како и многу други нешта кај нас, неговите успеси се „проблематизираа“ преку начинот на вреднување од МОН, не смее да се дозволи тој „проблем“ да ја намали вредноста на резултатите кои ги постигнува.
Талентите како Дамјан треба да бидат оставени надвор од дневно – политичките препукувања и со самото тоа ставање на нивните резултати во втор план. Институциите треба да најдат начин како да ги мотивираат талетнираните и успешни ученици. Во таква насока, на средбата која градоначалникот на Штип Иван Јорданов ја имаше со Дамјан Давков, беше најавено дека општината Штип од есен ќе распише конкурс за стипендирање на учениците кои ќе постигнуваат резултати на меѓународни и државни натпревари.