
Потребно е младите да се вклучуваат што повеќе во креирањето на политики. Важно е младите да бидат активни и дел од процесот за пристапување кон ЕУ.
Ова се дел од заклучоците од втората дебата на Институтот за добро управување и евроатлански перспективи насловена „Младите се во ЕУ“. На дебатата беше потенцирано дека од членството во ЕУ бенефит ќе имаат сите, а со тоа и младите. Една иницијатива која ја сподели пратеничката Моника Зајкова, беше и иницијата за намалување на роамингот за нашите граѓани.
Токму затоа, лично јас, но и сите пратеници од Клубот на млади пратеници ги очекуваме со нетрпение вашите конкретни иницијативи со цел да дадеме поддршка и конкретен придонес за нивно спроведување, рече Зајкова.
Иселувањето на младите е и поради тоа што тие немаат активност и улога во носењето на одлуки, вели Александар Ивановски, директор во CFE Tax Advisers Europe (Европска Асоцијација на даночни советници).
-Практично, преку овие проекти се обидуваме да дадеме директна шанса за вклученост на младите, да имаат тие своја улога во целиот процес. Пример, преку посети на Брисел, различни идеи за активности и проекти за кои дискутиравме на оваа и на претходната средба со младите луѓе кои сакаат да бидат вклучени во процесите преку невладините организации.
Комуниколог и претседател на ИДУЕП, Бојан Кордалов нагласува дека е важно за целото општество е сите партии, да бидат обединети за младите луѓе.
-Секогаш кога се зборува за младите луѓе, нивниот стандард, нивната перспектива тие да бидат ставени во средиштето и да им се даде шанса да ги креираат политиките. Сакам да испратам порака и надеж дека ваков пример ќе следат сите институции и навистина ќе можеме заедно да предизвикаме промени.

Анкетите покажуваат дека мотивацијата и желбата кај младите да учат и стекнат работно искуство во некоја од земјите од ЕУ е огромна што е за поздравување, но она што загрижува е дека бројот на млади кои би сакале да се вратат дома и понатаму е многу мал, односно речиси незабележителен, рече Кордалов.
Викторија Постоловска, активистка и досегашна студентска правобранителка при УКИМ, смета дека соработката на различните општествени фактори е клучна за да се допре до младите, меѓутоа на крајот токму младите луѓе се тие кои треба да го препознаат ова и да работат во насока на одлучување и креирање на општеството.
Александар Николовски, досегашен претседател на ФСС на Економскиот факултет при УКИМ изрази уверување дека тие како млади луѓе можат многу да придонесат во промената на општеството и системот, но од несогледливо значење за тоа е поддршката од сите оние кои ја спроведуваат политиката односно се главни чинители во креирањето на политики.
Како дел од иницијативите и проектите кои заеднички ќе се иницираат во следниот период беше споменато и „ЕУ менторство за млади луѓе“.
Станува збор за активација на поголем број млади луѓе преку младинските организации со придонес во евроатлантските интеграции, зајакнување на процесот на дигитализација, намалување на процедурите и укинување на давачките за млади луѓе да отворат и отпочнат свои бизниси, зголемена културна понуда и размена младински културни иницијативи од ЕУ, намалување на дневната партиска политика и фокусирање на младите и нивните барања од страна на институциите и политичарите, вклучување на младите во заклучоците од „Жан Моне“ дијалогот, иницијатива за повеќе младински медиумски активности.