Во времето на дигитални медиуми и брза размена на информации, јавните дебати станаа составен дел од нашето секојдневие. Секој има право да го изрази своето мислење и да го брани со аргументи. Но, колку често се случува да мислиме дека другите го делат нашиот став или дека нашето мислење е неспорно вистинито? Во процесот на дебата, многумина од нас паѓаат во замка на наметнување на своите/туѓите ставови и претпоставки, мислејќи дека тие се универзално прифатени.
Кога дебатираме, целта треба да биде размена на мислења и аргументи со почит, но во пракса честопати завршуваме со силно изразување на сопственото мислење на начин што го оневозможува дијалогот. Наместо да слушаме, повеќе се фокусираме на тоа да го наметнеме нашиот став и дури да убедиме дека знаеме што другите мислат. На пример, кога во разговор претпоставуваме дека соговорникот се согласува со нас или дека ги разбира нештата исто како ние, почнуваме да се обраќаме од позиција на знаење, но со тоа го занемаруваме фактот дека неговите мисли и искуства можеби се различни од нашите.
Ова „убедување“ во она што мислиме дека другите луѓе го мислат, а всушност не е така, ја одразува нашата човечка тенденција за претпоставување. Наместо да прашаме или да се обидеме да разбереме, често го потценуваме мислењето на другиот, уверени дека нашата гледна точка е супериорна. Ова води до еднострано наметнување и до ситуации во кои соговорниците, наместо да ги разменуваат мислењата, се натпреваруваат во тоа кој ќе биде во право.
Вистинската вредност на дебатата е во размената, во можноста да видиме нешто ново преку очите на другите. Кога дебатираме, важно е да не претпоставуваме дека знаеме што мисли другиот, туку да слушаме и да го почитуваме неговото искуство и размислување. Убедувањето не е наметнување на една „апсолутна вистина“, туку процес на градење заедничко разбирање. Можеби токму оттаму, од почитта и од отвореноста кон нови перспективи, лежи вистинската моќ на убедувањето–не во тоа кој ќе „победи“ во дебатата, туку во тоа кој ќе научи нешто ново.
Можеби ќе ве интересира