ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
06.03.2025
Дебелината е новата опасна пандемија на иднината
Автор: Goce Author

Дебелината е опасна пандемија на повидок – до 2035 во светот ќе има над две милијарди луѓе со прекумерна тежина, потребни решенија во интерес на здравјето на луѓето.

Решавањето на проблемот со дебелината кај населението бара поширок и посуштински пристап. Треба да се воведат ефективни регулативи за намалување на потрошувачката на храна и пијалаци кои поттикнуваат дебелината. Потребно е да има даноци на засладени пијалаци и забрани за рекламирање на производи со висока содржина на шеќер, сол, заситени и транс масти, да станат задолжителни. Треба да се создадат јасни правила за обележување на храната, за потрошувачите да можат да прават информирани избори за своето здравје.

Ова се само некои од предложените решенија на одговорните во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во борбата против дебелината.

„Во Македонија, исто како и на глобално ниво, стапките на дебелина се поттикнати со промените во економијата. Тука е и зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање на храна богата со шеќер, сол, заситени и транс масти. Фактор се и промените во животниот стил на населението во насока на потрошувачко општество и ниски нивоа на физичка активност. Ги повикуваме сите чинители да се фокусираат на промената на системите кои ја создаваат оваа криза. Потребно е да се преиспитаат регулативите во системите за храна, здравствените политики и општествените услови кои влијаат на нашите секојдневни навики“, наведено е во објавата на ИЈЗ.

Дебелината е болест која ја зголемува веројатноста за развој на други сериозни болести

Податоците на Институтот покажуваат дека 30,4 отсто од децата на возраст од 6 до 9 години имаат вишок на килограми. Од нив, 13,8 отсто живеат со дебелина, а 4,4 отсто живеат со екстремна дебелина.

Кардиоваскуларните болести се сѐ почести меѓу населението

„Меѓутоа, досегашните напори, кои главно беа насочени кон поединците, веќе не се доволни“, додаваат од ИЈЗ.

Дебелината не е само резултат на лоши избори или недостаток на дисциплина. Таа е болест која ја зголемува веројатноста за развој на други сериозни болести, срцеви заболувања, дијабетес и рак. Затоа е важно дебелината да се препознае како болест и да се интегрира во здравствените системи како основен приоритет за превенција и третман.

Мета пред извесно време спроведе анкета меѓу средношколците. Таа покажа дека средношколците на училиште најчесто јадат бурек, пециво или тост.  Дури 30 отсто речиси воопшто не се физички активни. Оттука произлегоа препораки од Марко Арсовски, лиценциран фудбалски тренер и професор по спорт и спортски активности во стручното училиште „Михајло Пупин“, како и од проф. д-р Игор Спироски, началник на одделението за исхрана во Институт за јавно здравје и професор на Медицински факултет.

Честото мерење на вага може да биде нагативно по здравјето

Тие велат дека родителите мора да се информираат подобро што јадат нивните деца додека се на училиште. Препорачуваат во училиштата да има автомати за храна која ќе биде нутритивно богата. Во наставната програма по физичко образование да се даде акцент на вежби кои ќе го намалат трендот на дебелина и на појава на деформитети кај младите.

Населението во земајва внесува најмалку два пати повеќе сол во споредба со она што го препорачува СЗО. Внесот на сол преку белиот леб е карактеристичен поради тоа што тој леб преовладува во исхраната на нашето население. Се покажа дека количините на сол во тој леб се меѓу повисоките, дури и во светски рамки.

Извор: Мета

Користењето на дигитални алатки – нов пристап за образованието
Младите сакаат едукација за финансиската писменост