
„Децата го преземаат собранието“ е настан кој се организира денеска по повод Светскиот ден на детето – 20 Ноември. Овој настан го организираат Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје и Собранието на Република Северна Македонија.

Image by Freepik
На настанот ќе се обратат претседателот на Собранието Талат Џафери и претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција Ди Џовани, а потоа е предвидено младите посетители да ја преземат собраниската седница на која ќе се говори на теми кои тие ги избрале како најважни.
Меѓу нив се прашањата за квалитетно образование, учество во донесувањето одлуки што го засегаат нивниот живот и состојбата со менталното здравје.
-Целта на настанот е пратениците одблизу да слушнат за напредокот поврзан со нивните права. Младите пред народните избраници ќе ги претстават нивните најгорливи прашања, потреби и загрижености. Овој настан претставува можност да се зборува и за некои од препораките од последните Заклучни согледувања на Комитетот за правата на децата, наведуваат Собранието и УНИЦЕФ.
Оваа година земјава одбележува 30 години од ратификувањето на Конвенцијата за правата на децата и од работата на УНИЦЕФ.
За датум на Светскиот ден на детето е избран 20 ноември кога е годишнината од усвојувањето на Конвенцијата. Се одбележува како ден за акција од децата за децата на глобално ниво.