ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.03.2023
Децата со Даунов синдром се деца на радоста
Автор: Goce Author

Денеска е Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, 21-от ден од третиот месец, како симбол за трите копии на 21-от хромозом што ги носат лицата со Даунов синдром. Мото годинава гласи „Со нас – не за нас“. Со ова мото овој ден е фокусиран на пристапот заснован на човековите права кон попреченоста – право да се третираат праведно, да имаат исти можности и слобода да направат сопствен избор.

И покрај тоа што декларативно сите се залагаат за да се намалат предрасудите, стигмата и стереотипите за лицата со Даунов синдром, тоа за жал не се случува со саканата динамика. Има поместувања нанапред, но сето тоа оди пребавно. Најголемиот товар останува на родителите, а секако и на наставниците и дефектолозите во училиштата во кои учат овие лица.

Поддршката, трпението и љубовта се клучни кај учениците со Даунов синдром

Во Штип, лицата со Даунов синдром своето образование го стекнуваат во Државното средно училиште за образование и рехабилитација „Искра“. Какво е искуството од работењето со учениците со Даунов синдром, ја прашавме Надица Михаилова, наставник по македонски јазик и литература во ДСУ Искра

На моите часови по македонски јазик и литература присуствуваат и ученици со Даунов синдром, а работните задачи на часовите се прилагодени во зависност од индивидуалните можности на ученикот.

Тие најдобро учат визуелно и тоа го земам во предвид при планирање на часот.

Најголем број од нив се способни да ги развијат своите вештини на читање. Со многу труд и трпение се постигнува голем напредок во нивното јазично изразување, говор.

Катарина Ивановиќ на работилница за лица со попреченост
Фото: FB Katarina Ivanovic

Овие лица  успешно го завршуваат образованието и се вклучени на пазарот на труд.

Сметам дека поддршката, трпението и љубовта се клучни кај овие ученици да има напредок.

Свеста кај секој од нас треба да се крене на едно повисоко ниво, бидејќи секој од нас е различен и уникатен, а во исто време сите сме еднакви.

Општеството мора да сфати дека овие лица се вредни, одговорни, позитивни, да ги отфрли сите предрасуди и да дозволи на светот да му внесат повеќе бои и радости – вели Надица Михаилова.

(ВИДЕО) Инклузија на лицата со попреченост – за некој вистинска борба, за некој можност за профит

 

Во ДСУ Искра учат неколку ученици со Даунов синдром, а од почетокот на формирање на училиштето до денес, тие се вклучени во наставата и во домските активности кои се изведуваат во училиштето, вели Љубица Спасова, специјален едукатор и рехабилитатор во ДСУ “Искра”

Воспитно-образовните и воннанставните содржини се прилагодени на нивните развојни потенцијали, способности и можности и се работи на поттикнување на истите до нивниот максимален развој.

Позитивни, послушни, вредни и ведри – тие се деца на радоста!

Начинот на работа со овие ученици е поинаков отколку во редовните училишта. Материјалот треба да им се презентира поконкретно, со мноштво визуелни и манипулативни материјали, во подолг временски период, но ако постојат соодветни прилагодувања на содржините, тогаш учениците можат да усвојат нови знаења и да ги применат истите. Она што е најважно од сé е почитување на личноста на ученикот во воспитно образовниот процес.

Секој ученик со трисомија на 21 хромозом е различен од другиот, затоа и не можеме да ги опишуваме на ист начин. Секој ученик е личност за себе, различен од сите други лица со Даунов синдром, но и од сите други ученици. Во исто време, тие се исти како сите други, исти како нас– вели Спасова, додавајќи:

„Ако сакаме да потенцираме некои генерални карактеристики за нив, тоа е дека лицата со Даунов синдром се позитивни, послушни и вредни ученици, ведри, топли, насмеани… Затоа се наречени и деца на радоста.“

За тоа што е она што можеме, а не го правиме за намалување на стереотипите, предрасудите, Спасова вели:

Општествената заедница сé уште има предрасуди кон нив, но за среќа, тие размислувања полека се менуваат. Она што треба да се сфати е дека и лицата со Даунов синдром можат да учат, да се развиваат, да се разбираат со останатите луѓе и да бидат продуктивни членови на општествената заедница во границите на своите можности и способности, но за тоа треба да им се даде шанса.

Во развиените земји лицата со Даунов синдром се почитувани и вреднувани членови на општествената заедница, соодветно едуцирани и квалификувани и вклучени на пазарот на трудот. Тие текови треба да ги следи и нашата држава“.

Лицата со Даунов синдром треба постојано да ја имаат и стручната, и семејната грижа

Инаку, она што во експертската јавност се препорачува за лицата со Даунов синдром е следното:

Децата со Даунов синдром треба да имаат редовни контроли кај нивниот педијатар или семеен лекар, бидејќи овие лица имаат поголема веројатност да развијат одредени заболувања од општата популација.  Носете ги на редовни контроли за слух, вид и општото здравје. Охрабрете ги да бидат физички поактивни.

Дискриминацијата на Ембла – пораз за сите нас

За овие лица се препорачува да посетуваат:

логопед – за помош при зборување;

физиотерапевт – за помош при одење, доколку имаат намален мускулен тонус;

оптометрист и/или специјалист за слух – за помош со видот и слухот;

Разговарајте со вашиот семеен лекар или педијатар за да дознаете како вашето дете може да ги добие овие услуги, порачуваат надлежните.

Ученици поправале оцени во е-дневник, МОН бара сите родители и наставници да ги сменат лозинките
Оптимизацијата на училиштата за поквалитетно образование