Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје започнува со преведување на книгите на Франц Кафка на македонски јазик, како би биле поблиски до читателите. Тие веќе објавија две големи дела. Станува збор за романот „Америка“ во превод на Душанка Каевска и романот „Замок“ во превод на Бобан Здравковски Андреевски.
„Објавувањето на целосните дела на Кафка е најпрво исполнување на една лична желба уште од училишните денови, но и голем придонес кон издавачката продукција, зашто навистина, нашата читателска публика заслужува да ги има достапни на македонски јазик делата на најзначајниот автор на сите времиња. Една од првите десет книги објавени во рамките на нашата едиција „Бранови“ е токму романот „Америка“, чии количини веќе од поодамна беа исцрпени, па неговото реобјавување, но со тематски дизајн, е само чекор во новата приказна што планираме да ја испишеме“ – вели Жарко Кујунџиски, главен и одговорен уредник во „Антолог“.
Издавачката куќа во следниот период планира објавување на капиталното дело „Процес“, „Дневниците“ на Кафка, но и сите негови повеќе или помалку познати дела.
Инаку, Кафка бил автор на визионерската фикција, поседувал извонреден талент за соединување на елементите од реализмот и фантастичното. Неговиот „кафкијаснки“ стил е влезен како поим во сите книжевни енциклопедии.