
На 10 ноември светот го одбележува Светскиот ден на науката за мир и развој, ден посветен на улогата на науката во општеството и нејзината клучна важност за подобра иднина. Овој ден, под покровителство на УНЕСКО, потсетува дека науката не е само академска дисциплина, туку основа на напредокот, иновациите и одржливиот развој.
Науката и младите – двигатели на иднината
Во времето на брзи технолошки промени и глобални предизвици, младите луѓе стануваат се поважен дел од научните процеси. Нивниот интерес за истражување, иновации и критичко размислување е двигател на промени во општеството.
Светскиот ден на науката е можност да се потсетиме дека секоја нова идеја, секој млад истражувач и секој студент што бара одговор на „зошто“ е дел од глобалната научна заедница.
Токму затоа, низ целиот свет денешниот ден се одбележува со предавања, научни дебати, натпревари и јавни настани кои ги поврзуваат младите со науката. Целта е едноставна — да се доближи науката до секој граѓанин и да се покаже дека нејзините резултати имаат директно влијание врз секојдневниот живот.
Македонија го зголемува вложувањето во наука
И во Македонија науката станува сè повидлива тема, не само во академските кругови, туку и во јавноста. Според податоците на Министерството за образование и наука (МОН), буџетот за научно-истражувачка дејност значително се зголемува – од 380 милиони денари во 2024 година, на 680 милиони денари во 2025 година, а за 2026 е предвиден рекорден износ од 773 милиони денари.
Овие средства се насочени кон финансирање научни проекти, модернизација на лаборатории, учество на меѓународни конференции и објавување трудови во списанија со импакт фактор. Дополнително, се обезбедуваат стипендии за млади научници и можности за студиски престои во странство.
Министерството преку неколку јавни повици им овозможи на универзитетите, факултетите, научните установи, но и на приватниот сектор, да спроведуваат проекти што се усогласени со Стратегијата за паметна специјализација на Македонија.
Зголемен интерес кај младите
Она што особено радува е сè поголемиот интерес кај младите да се занимаваат со наука и иновации. Многу студенти и ученици веќе се вклучуваат во истражувачки активности, натпревари и програми што ги поврзуваат универзитетите со бизнис-секторот и граѓанското општество.
Како што велат од МОН, „секоја инвестиција во науката се исплати“, бидејќи знаењето и иновацијата се најсилното оружје на едно општество за справување со глобалните предизвици.
Светскиот ден на науката е потсетник дека научното знаење треба да биде достапно за сите. Од климата и здравството, до технологијата и медиумите – науката е поврзувачки јазик меѓу луѓето и генерациите.
Таа не припаѓа само на лабораториите и универзитетите, туку на секој млад човек кој прашува, истражува и сака да направи промена.
Честит Светски ден на науката!
Нека науката биде твоја инспирација – за учење, откривање и создавање подобра иднина.