ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
08.12.2021
Денес се празнува Св. Климент Охридски
Автор: Goce Author

Денеска во Македонија се празнува Свети Климент Охридски, наш најголем просветител и учител.

Климент Охридски бил роден во 840 година, но овој податок е претпоставка. Бил верен придружник и посветен ученик на Светите браќа Кирил и Методиј. Им помагал на своите духовни отци (учители), следејќи го секој нивни чекор, преведувајќи ги црковните книги, библиските и литургиски текстови.

Во областа Кутмицевица, за која уште не е определена точната местоположба, Климент Охридски го започнува најплодниот период во својот живот. Го продолжува делото на Св. Кирил и Методиј, ги поставува, повторно, основите на словенската писменост и проповедал и богослужел на народен јазик. Градел цркви и манастири, но најважното и најкарактеристичното за него е основањето на Охридската книжевна школа. Со основањето на оваа книжевна школа, Охрид станал главен црковен и книжевен центар на сесловенската и македонската писменост. Климент Охридски е светлата точка на едно мрачно и темно време.

Претседателот на државата Стево Пендаровски го честиташе големиот празник Свети Климент Охридски.

„ Мудроста и поуките на Свети Климент Охридски се втемелени во светогледот на нашиот народ и на нивните вредности се развива и нашата Македонска православна црква. Инспирирани од неговото дело, во овие сложени времиња исполнети со многу предизвици, да се стремиме кон подостоен живот, живот исполнет со добри дела. Нека е за многу години големиот празник Свети Климент Охридски. Да бидеме солидарни, сплотени, да си посветуваме внимание и да си даруваме љубов“ напиша тој на Фејсбук.

„Свети Климент Охридски е човек, кој со своето цивилизациско дело, кириличната азбука, се запишал со златни букви во словенскиот свет, но и во европската и светска духовна и културна ризница. Тој е еден од најголемите и најдостојните ученици на светите Кирил и Методиј кој целиот свој живот го посветил на продолжувањето и ширењето на нивната работа“, напиша претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски во честитката по повод државниот празник.

Премиерот Зоран Заев исто така по повод денешниот празник упати честитка до сите православни верници и до Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

– Свети Климент, како голем човек и силна личност, е жив паметник на нашата историја и како основач на Охридската школа, позната и како „прв балкански и европски универзитет“. Записите велат дека низ оваа школа минале околу 3.500 ученици. Тоа е импозантен број за тогашните, а секако и за денешните времиња. Тоа сведочи и за исклучителните организациски, но и обединувачки способности на светиот учител од Охрид во духот на христијанското заедништво, пишува Заев во честитката објавена на Фејбук.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?