Денес разговараме со Денис Бојаров, писателот кој со своето перо освои многу читателски срца. Најпрво, да го запознаме Денис Бојаров како дете.
Бев многу палаво, игриво и хиперактивно дете. Не постоеше предмет што ќе дојдеше во мои раце, а да не стане играчка, дури и работи што не можат да се замислат како играчки, од типот на чешел и ножици, кои ги користев како играчка за сопствената коса, па мајка ми потоа беше приморана да ме потстриже ќелав. Основното и средното образование ги завршив во Радовиш, нојот роден град, а високото образование на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици.
Бојаров се истакна најмногу со својата збирка раскази „Нека играат децата“. Збирката раскази е наменета за различни возрасни категории, која обработува социолошки, психолошки и филозофски теми поврзани со децата, семејствата, но и со човекот воопшо. На прашањето колку е тешко да се направи таква синтеза во една книга, Бојаров вели:
Воопшто не е тешко. Всушност, оваа збирка настана спонтано, без некаква намера да се издаде како книга. Тоа беа мои куси раскази напишани низ текот на времето, собрани во последните неколку години пред нивната печатена објава. Предлогот дојде од мои пријатели, кои, за среќа, ги послушав, и ете, збирката е веќе една и пол година реалност во книжарниците низ Македонија.
Денис Бојаров има учествувано на многу литературни конкурси и се закитува со награди, за нив, и за омилената награда, Бојаров истакнува:
Наградите се признание за трудот на еден автор. Мислам дека не постои човек, не само автор, кој не се радува на признание за свој труд. Конкретно, за оваа книга добив награда „Книга на годината“ на меѓународната литературна манифестација „Литератопија“ 2020, која ми е една од најдрагите награди, а најдрага можеби ми е „наградата“, што еден дел од мој кус расказ, насловен „Убавиот збор железни врати отвора“ стана дел од учебникот по Македонски јазик за 4 одд. Тоа е голема чест и задоволство за еден автор, особено за дебитант како мене.
Можете ли да се сетите дали во Вашата кариера се случило да создадете дело, а да не сте сигурен како ќе го прифати публиката, но таа Ви го докажала спротивното?
Да, токму тоа ми се случи со неколку раскази од книгата, кои сакав да ги отстранам бидејќи отскокнуваа од целокупната идеја и намена на збирката, но токму некои од тие раскази им станаа омилени на читателите и добија високи оцени од нив.
Како личност која е многу ангажирана во овој период, кажете ни во кој период од денот добивате најголема инспирација?
Во кое било време кога сум сам. Јас сум човек што постојано размислува и можеби затоа ми е несфатливо кога некои луѓе ќе речат дека им е здодевно, дека нема што да прават. Во ваквите моменти мене мозокот ми работи активно и јас го користам токму за вакви цели. Штета што во последно време сум преоптоварен со ангажмани, па многу малку ми преостанува време да бидам сам со себе и со своите мисли.
Вие работите и во книжарницата ,,Литература”, бидејќи постојано сте сведок на односот млади – читање, кажете ни кој е Вашиот став во однос на релацијата млади – читање книги? Читаат ли младите?
Младите читаат, но можеби не толку доволно колку што му треба на едно просечно читачко општество. Мислам дека се преоптоварени со училишни обврски, па, едноставно, читањето го перципираат само како обврска во тој период од животот. Веројатно, ќе дојдат и поубави читателски времиња и кај нас. Ги очекуваме, но се радуваме и на овој интерес.
Каков вид книги сакаат да читаат луѓето денес?
Најмногу сакаат да читаат книги за опуштање, со оглед дека поголемиот дел од читачката публика се жени. Во најголем процент, тоа се романси, трилери и историски фикции. Мажите најчесто читаат популарна психологија, (авто)биографски и историски книги.
Што би им препорачале на младите генерации, особено на оние што имаат талент за пишување?
Да пишуваат и да не се плашат од критики. Негативни критики доживувале и најголемите писателски пера и умови, тоа не е мерило за успех на една книга или автор.
На крајот од разговорот Бојаров вели: „Тајната на успехот не ја знам, ако ја откриете, кажете ми ја и мене, па да не си мачиме“.