ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
29.05.2022
Девојка од Тетово учела две средни училишта истовремено – колку е тоа тешко?

Иако ретко кој би се одлучил на ваков предизвик, сепак можноста за изучување на две средни училишта истовремено постои. Во едното средно училиште, ученикот се третира како редовен, а во другото  како вонреден при што полага испити на материјата на крајот на учебната година.

Една од оние кои се одлучиле да изучуваат две средни училишта е Теодора Маринковска. Таа истовремено учела во Гимназијата “Кирил Пеjчиновиќ” и Средното Медицинско училиште “Никола Штејн“ во Тетово.

Моментално Теодора е втора година студент по Општа медицина при Универзитетот “Гоце Делчев“-Штип.

“Прво се запишав Гимназијата со појдовна идеја дека ќе студирам “Воена Адемија“. Но, како што одминуваше времето, не се пронајдов себеси таму. Пораснав со “Greys Anathomy”, и се сеќавам  дека една вечер читав за одредена дијагноза која беше во  серијата и дојдов до момент на “еурека” и дека сакам да изучувам медицина. Во втора година се префрлив во Средно Медицинско  училиште и полагав околу 13 диференцијални  предмети  со цел да можам да продолжам и да ги земам вонредно првите две години. Последните две години од Гимназијата ги изучував вонредно.“, вели Теодора.

Процесот за префрлање во средни училишта, Теодора го опишува како сложен, но порачува сите оние кои ќе се одлучат за ваков чекор да се обратат кај надлежните од училиштата кои ќе ги известат за потребната документација.

Се обидов да ги балансирам учењето и излегувањата

“Жртвував малку сон, малку журки, но не се жалам. Се обидував да балансирам, и ми е мило така што одлучив .Ќе излажам ако кажам дека имав многу слободно време,за мене учебната трета година почна многу порано. Целото лето го посветив на спремање испити и слушање многу видеа бидејќи прв пат се сретнав со многу од поимите кои беа во книгите.Кога почнавме со часовите многу внимание посветував на часовите и земав многу прибелешки. Најчесто денот ми беше многу исполнет особено во трета година бидејќи имав и пракса , полагав и одев на училиште, а учев ноќе.“, вели Теодора.

Во поглед на бенефиции, Теодора смета дека дополнителното знаење со кое се стекнала и помогнало на многу полиња, особено на Факултет. Предметите кои ги изучувала во Гимназијата и Средното Медицинско училиште и дале големо предзнаење и го олесниле процесот на студирање особено во почетните години. Таа на своите врсници, но и на средношколците им порачува да размислат каде се гледаат себеси за 10 години и да ја донесат правилната одлука без разлика колку и да се чини дека е тешка.

“Одлуките за едукација никогаш не се лесни, но се екстремно важни за човекот кој сакаш да станеш.“, вели Теодора.

 

„Реинкарнација“ – мото на Shtip Fashion Days
МНР: Македонските граѓани да ги одложат патувањата кон Израел, Иран и Либан