ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
09.12.2022
Дезинформации најмногу шират политичките партии

Политичките партии и медиумите најмногу шират дезинформации и лажни вести, покажува испитувањето на јавното мислење спроведено од Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Ова мислење го делат најголем дел од граѓаните. Голем дел од нив мислат дека можат да препознаат дезинформации, но признаваат дека понекогаш им се случува и самите да споделат лажна информација. Продолжува и тенденцијата за мала доверба во медиумите, но и за изворите за информирање. Граѓаните главно се информираат преку телевизијата, Фејсбук и веб-сајтовите..

Политичките партии се на врвот на листата на оние кои шират дезинформациите, пред медиумите. Помал дел од испитаниците одговориле дека државните институции најмногу шират дезинформации. 13 отсто одговориле дека политичките партии, медиумите и државните институции подеднакво шират лажни информации.

Повозрасните се информираат од телевизија, помладите од интернет

Ставот дека политичките партии најмногу шират дезинформации доминира кај повеќе од половината од популацијата над 55-годишна возраст. Од друга страна, пак, најчест одговор кај младите е дека тоа го прават медиумите, иако често се споменуваат и партиите.

Кога се во прашање темите кои најмногу ги интересираат граѓаните, доминираат економијата и политиката, потоа се спортот , забавата и музиката, па дури потоа доаѓаат живботната средина и климатските промени. Нормално, повозрасните повеќе се интересираат за економија и политика, младите за музиката и забавфата.

Телевизијата се уште доминра како извор на информирање, а на второ и трето место се Фејсбук и веб-сајтовите. И овде возраста е клучна, па граѓаните на возраст од 18 до 44 години најмногу се информираат преку Фејсбук. Телевизијата е најпопуларна кај групата граѓани од 45 до 64 и над 65-годишна возраст.

Што се однесува на довербата во медиумите, повеќе од половина од испитаниците изјавиле дека се сомневаат во сите вести што ќе ги прочитаат.  Речиси третина проверуваат како е пренесена веста во другите медиуми, додека само 4 проценти од граѓаните имаат целосна доверба во медиумите и во вестите што ги читаат.

Половина од граѓаните сметаат дека можат да препознаат дезинформации

Повеќе од половина од граѓаните мислат дека понекогаш можат да препознаат дезинформации. Исто така, сметаат дека понекогаш им се случува и тие самите да споделат неточни информации. Гледано според родот, мажите се посигурни дека секогаш можат да препознаат дезинформации во однос на жените.

Што се однесува на споделувањето дезинформации, една третина од граѓаните одговориле дека воопшто не им се случило да споделат. Помал дел сметаат дека тоа им се случува често.

Резултатите од анкетата покажуваат дека во Македонија е потребно уште многу да се работи на зголемување на способноста на населението за препознавање на дезинформации и на нивните извори, но и на зајакнување на професионалноста во медиумите што би ја вратило довербата кај населението. Враќање на довербата е потребна и кај политичките партии. Политичарите  први треба да понесат одговорност и да се воздржат од ширење лажни вести за дневно-политички цели.

Бизнисот и политичките партии се креаторите на лажни вести – медиумската писменост лекот?

Истражувањето е реализирано преку телефонска анкета на примерок од 1.010 полнолетни граѓани во октомври 2022 година. Целта е да се утврди свесноста на граѓаните за заканите од дезинформации и нивните извори. Исто така, да се утврди знаењето и вештините за препознавање дезинформации, како и однесувањето на граѓаните во однос на дезинформациите.

Истражувањето го спроведе Институтот за комуникациски студии, во соработка со Институтот за демократија „Социетас цивилис“, како дел од проектот „Користи факти“ кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје. Проектот има цел да ја зајакне отпорноста на широката јавност и ранливите групи во Македонија кон дезинформациите.

Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Здравствени политики за сите