

Цртањето еволуираше на многу начини со текот на годините со спојувањето на традиционалната во дигитална уметност. Дигиталната илустрација во суштина е употреба на дигитални алатки, најчесто таблети, во комбинација со софтвер за цртање. Инспирирана од оваа уметност, 20 годишната Лина Накова одлучува својот талент да го преточи во свој бренд “Digitalized arts”.
“Отсекогаш хоби ми е било да цртам, пробував различни техники на цртање и електронската најмногу ми се допадна. Кога почнав да ги правам дигиталните портрети за моите блиски многу им се допаѓаа, па решив да им помогнам на сите да израдуваат некој свој близок.”, вели Лина.
Практикувањето дигитална уметност започнало како хоби со кое си го пополнува слободното време, но потоа Лина одлучила да го основа својот мал бизнис. Иако е студент, таа сепак се труди да работи на нови дела и техники кои ги нуди на своите клиенти.
“Скоро една година планирав за тоа што ќе нудам како продукт, креирање на лого, и следни техники кои може да ги нудам во иднината. Сама се научив како да ги изработувам, од туторијали од интернет. По година време вежбање успеав да ги совладам техниките. Мојот мал бизнис го промовирам преку Инстаграм, како најкористена социјална мрежа меѓу младите. Задоволната сум од заинтересираноста која се зголемува сѐ повеќе и повеќе”, вели Лина.

Фото: The Art of Education
Идејата зад брендот , според Лина е да се разубави нечиј ден со подарок од блиските преку дигитална слика која има персонално значење или пак да се овековечи значаен момент кој таа ќе го преслика.
Уникатните дела на Лина, може да ги погледнете на Инстаграм профилот на “Digitalized arts” и можеби и вие ќе ги изненадите вашите најблиски со необичен подарок за новогодишните празници.