Димче Ацков – човекот кој одлучи да го промени животот, да го остави градскиот хаос и да започне да живее во хармонија со природата.
Да се излезе од стереотипите на современото живеење во денешно време воопшто не е лесно. Истовремено, тоа може да биде и чин на кревање на гласот за заштита на животната средина, промена на начинот на живот кој и нанесува удари на Планетата Земја. Колку и да се дури робинзонкрузовски и за некои луѓе апсурдни таквите обиди, сепак ги има. Токму велешанецот Димче Ацков е човек кој подолго време опстојува во намерата да живее многу поинаку од наметнатите стандарди, во спој со природата.
Со Димче разговаравме за современиот живот, за неговите гледишта во врска со конзумеризмот и младите, но и со системот кој од индивидуите подготвува единствено луѓе кои ќе работат за општеството, а не и луѓе кои ќе бидат подготвени за да преживеат без да ја нарушат природата.
„Димче беше човек заглавен во системот и мислеше дека работите ќе се средат сами од себе, дека не треба ништо да правам, туку единствено што треба да направам е да обезбедам средства за да преживеам. Денес, Димче е човек кој сфаќа дека мора да направи сам ако сака да има позитивна промена во светот, дека никој нема што седи таму некаде далеку и ни ги решава проблемите. Не постои такво нешто. Тоа сме самите ние! Тој сум јас денес – човекот кој ги зеде работите во свои раце, без да чека некој друг да ги реши проблемите со екологијата и Планетата.
„Искрено, не знам какви млади имаме, не среќавам многу млади. Имам генерален впечаток дека младите се чуваат во стаклено ѕвоно и дека се спремаат да живеат во некој идеален свет каде сè ќе им биде подредено и каде не треба да се грижат за ништо. Младите денес не поседуваат основни вештини за преживување, ретко знаат нешто за производство на сопствена храна, изградба на сопствено живеалиште и општо преживување во природа и во овој наш свет. Младите се подготвуваат за живот во свет во кој сè ќе им биде подредено, а тие ќе треба само да конзумираат.“
„За да се оттргне мислењето на младите од конзумеризмот и материјалното треба да им се даде да пробаат да јадат пари. Да видат каков вкус имаат парите и да видат дека парите вредат само во овој систем што го имаме моментално. Тоа не е ништо сигурно! Едноставно треба да им ги посочиме ризиците кои ги носи тој конзумеризам. Со самиот конзумеризам ние ја уништуваме Планетата, а со тоа се намалува храната што може да ја произведе Планетата и можноста да се прехраниме. Треба да станат свесни дека сè може да биде во умерени количини. Тогаш може и да се промени нешто.“
„Општеството и образовниот процес не влијаат никако во формирање на здрави и подготвени млади. Тие ги ставаат младите во калап, а подоцна истите тие ќе служат на системот, односно ќе работат за системот. Има една анкета каде децата пред да тргнат на училиште, над 90% од нив имаат коефициент на гениј. А по завршувањето на образованието, само 10% остануваат со висока интелигенција. Образовниот процес создава послушни и нискоинтелигентни луѓе кои ќе му служат на општеството.“
„Како прво, за да се смени погледот на младите, треба да се престане со кажувањето на страшните приказни како Црвенкапа кога оди во шума и ја јаде волкот заедно со нејзината баба. Да престанеме да го „переме“ мозокот со такви хорор приказни и така да ги плашиме од природата. Треба да ги учиме дека природата е дружељубива и здрава и треба да минуваат повеќе време во природа. Или да имаат баланс – колку време поминуваат во градот, толку време да поминуваат и во природа. Така ќе стекнат конекција со природата, ќе ја сфатат, а подоцна и ќе ја чуваат. Младите може да се променат и со долгорочен престој во природата. Тоа може да е за викенд, за кампување или едноставно долга прошетка во природа.“
Сè она што Димче го прави моментално во неговиот живот покажува дека минимализмот во секојдневието и живеењето со она што природата го создала е возможно! Можеби е време да посветиме барем мал дел од денот кога ќе се најдеме во синергија со природата и да ги почувствуваме вистинските благодети кои таа ги крие.